Росана за Тамара: Од девојче без едно запче се претвори во дива!

by fokus

Тамара Тодевска,која годинава е наш претставник на Евровизија 2019, го имаше своето естрадно ,,крштевање” уште во далечната 1991 година, на музичкиот фестивал ,,Макфест” во Штип. На свои шест години таа настапи заедно со сестрите Маријана и Росана и ја отпеаја песната ,,Љубов”. Иако завршија на петтото место, сепак Росана вели дека целиот настап им оставил прекрасни спомени на кои со задоволство се присетува.

За ,,Фокус” раскажува дека уште тогаш знаела дека во Тамара се крие талент, и верувала дека со тек на времето таа ќе си го најде патот кон ѕвездите.

-Тамара беше многу харизматична уште тогаш, на шест годишна возраст. Беше малку срамежлива, ја паметам како детенце без едно предно запче. Но, денес веќе се претвори во дива, во секој поглед. Вистински професионалец и најдобар беспрекорен вокал на нашите простори – раскажува Росана Сариќ – Тодоровска.

Според неа, околу прогнозите за претстојниот Евросонг, тврди дека песната ,,Proud” со која ќе настапи Тамара е убедливо најдобрата нумера која до сега сме ја пратиле на настанот.

-Многу ми се допадна песната и без сомнение Тамара пее вонсериски, одлично! Слободно би кажала дека ова е најдобра песна со која учествуваме на Евровизија до сега. Според мене, би требало доста високо да котира, доколку нема пак – Дај ми, на ти, како секоја година. И посакувам среќа и не се сомневам во неа. Едно големо браво од мене до Тамара и до целиот тим – порача Росана.

Тамара ќе настапи во Тел Авив на 16-ти мај, во втората полуфинална вечер под реден број 17. На шести мај нашата делегација ќе отпатува во Израел, а веќе на седми Тамара ќе ја има првата проба со песната „Proud“ на сцената на „Експо центарот“ во Тел Авив. Aвтори на евровизиската песна на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се на писателот Коста Петров. За нејзиниот стајлинг ќе се погрижи дизајнерот Александар Ношпал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости