Росана доби благодарница од родното Куманово

by fokus

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и додели благодарница на поп и фолк пејачката Росана Расиќ – Тодоровска, по повод празникот на градот, односно јубилејот 500 години Куманово, кој беше одбележан за време на викендот.
Росана ја доби благодарницата како истакнат естраден уметник, за нејзината долгогодишна музичка кариера и освоени награди и признанија.

Таа јавно се заблагодари за укажаната чест и откри дека со големо задоволство ја очекувала, а била пресреќна кога и конечно ја добила благодарницата.

Иако со децении живее и работи во Скопје, Росана по потекло е од Куманово. Заедно со нејзината сестра Маријана беа едни од најпопуларните на сцената и оставија голем број на хитови во минатото. Нивното дуо престана да функционира во деведесеттите години, кога Маријана со семејството се пресели во Австралија.

Летово, кога таа беше во посета на најблиските, заедно со Росана беа гостинки во кабинетот на Димитриевски, а тој им подари Монографија на Куманово.

На задоволство на многубројните љубители на нејзината песна, Росана минатиот месец ја прекина децениската пауза и се врати на сцената со песната ,,Спомени” со која настапи на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест”. Ја освои наградата за интерпретација, а за ,,Фокус” изјави дека средбата со публиката по долгата пауза ја доживеала доста емотивно.

Вики Клинчарова

Поврзани новости