Ромео и Јулија на македонската политика: Ја откажале свршувачката бидејќи семејствата им биле за различни партии

by fokus

Имав пациенти свекор и свекрва. Дедо и баба. Дојдоа зашто свршувачката на нивните внуци се одложила. Семејствата се раскарале. Едното било за една политичка партија, другото за друга. А високо образовани. Интелектуалци. Од Скопје.

Ова е само еден од многуте примери кои покажуваат колку политиката се одразува врз нашето живеење и колку се всушност луѓето оптоварени со политичките случувања. Зголемен е бројот на болни, на лица што страдаат поради ситуацијата во земјава. Поделбите се сè почести, сè поголеми. Притоа, не се поштедени ниту најмалите, вели д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар во ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Скопје.

Праксата покажува дека семејствата се поларизираат, некои од нивните членови стануваат непријатели или се гледаат како непријатели. Не се сакаат, се избегнуваат. Ако некој е симпатизер на една партија, а друг на друга, се случува да не се канат на свадби, имендени.

Причините за овој своевиден феномен, д-р Дамјановиќ ги лоцира, пред сè, во слабата економска моќ на граѓаните, но и во менталитетот, како и во секојдневните информации што ги пласираат медиумите и посебно социјалните мрежи каде што секој, нагласува, може да напише што сака.

– Влијанието на политиката не прави разлика меѓу возрасни и деца, интелектуалци и необразовани. Загазуваме сè подлабоко. Поради честите избори е евидентна константна несигурност. Не може да се оди напред. Луѓето не можат да си го планираат животот. Всушност, животот го планираат зависно од тоа која партија е на власт. Кога ќе дојдат во ординација ја нагласуваат неможноста да најдат работа, да напредуваат во струката. Велат, ако се партиски неопределени, тешко наоѓаат работа. Ако се, пак, определени, остануваат без работа или не можат да напредуваат зашто се сменила партијата. Тоа ги фрустрира, ги прави анксиозни, истакнува докторката.

Има и обиди за самоубиства, но не често.

-Причината е повторно неможноста за работа. Некој не добил решение, се намалил бројот на лица што примаат, дома ситуацијата ескалира поради немање пари и спасот се гледа во лекови или во одземање на животот. Луѓето чувствуваат како да се во безизлезна ситуација, животот им изгледа многу потежок од прифаќањето на смртта. Некои, пак, преминуваат во зависности како што е алкохолот, вели д-р Дамјановиќ.

Манипулирање и ангажирање на децата во политички активности

Според неа, просечен Швајцарец не знае кој му е премиер. Ниту го интересира. Кај нас и малите деца во градинка слушнале за Груевски и Заев.

-Многу од родителите се дури и горди на тоа. Тие, практично, ги рефлектираат своите размислувања и однесувања врз децата, што апсолутно не е во ред. Децата треба да бидат деца. Да читаат книги, да играат кошарка, да тренираат, да одат во кино, да се дружат со другарчињата… Наместо да се насочат на учење и дружење, децата денес се политизирани и стануваат сè поагресивни. Се делат на едни спроти други. Едни, на пример, се „шарените“, други оние од „другата страна“. Меѓу себе не зборуваат, не комуницираат. Се двојат, посочува Дамјановиќ.

Потсетува на Шарената револуција и на низата претходни партиски протести на кои можеа да се видат и деца.

-Децата никако не смеат да се инволвираат во вакви „активности“. Родителите можат да прават што сакаат, но мали деца не треба да бидат вклучени на такви „настани“. Треба да се запази возрасната граница од 18 години или барем 16. Знаеме и за многу случаи кога директори на школи или наставници, професори, ги поттикнуваат децата да одат на протести, што е многу невкусно. Определувањето и зборувањето лошо за другиот, особено пред децата, мора да се контролира, подвлекува докторката.

Во овој контекст таа со нас ја сподели случката кога во едно основно школо во Центар, пред последните парламентарни избори, физички се пресметале две „банди“ деца зашто на едните родителите им биле за „овие“, а на другите за „оние“.

-На едните деца родителите им биле вработени во кабинет на висок функционер, а на другите биле поддржувачи на т.н. Шарена револуција. Тоа било сериозно тепање, укажува д-р Дамјановиќ.

Не ретко, дополнува, децата на високи функционери се позаштитени во школо, им се посветува повеќе внимание, не само за учењето. Кон нив некои наставници или професори селективно се однесуваат, но другите деца тоа го забележуваат, го гледаат и го чувствуваат, поради што стануваат револтирани.

-Револтот води кон разочараност. Сè тоа тлее во нив и утре може да се манифестира вака или онака, но не позитивно, во секој случај. Може и да остане „тука“, но понатаму не знаеме како или што ќе биде, вели докторката.

Купувањето книга и одењето во кино – луксуз

Граѓаните се наоѓаат во многу тешка, неизвесна економска состојба и поради тоа, оценува д-р Дамјановиќ, немаат личен, исполнет живот. Ретко одат на прошетка надвор или во државата, едни кај други на гости. Сè им е трошок. Се изолираат. Потоа, постепено навлегуваат во лавиринтот на секојдневното политикантство. Со тоа како да се „хранат“, зашто друго не им преостанува.

-Кога нашиот народ би имал поголема економска сигурност и моќ, не би бил оптоварен со политика, туку би си ги гледал личните интереси: патување, слушање музика, хоби, свирење, планинарење, возење велосипед… Би одел на претстави, во театар, на опера, филхармонија… Но, денес, просечно четиричлено семејство едноставно не може да си го дозволи тоа зашто спрема примањата, билетите му се скапи. Практично, сè што облагородува станува луксуз. И купувањето книги.  И гостите, за жал, се голем трошок. Луѓето сè помалку се дружат, но не зашто немаат желба, туку зашто ако некого го викнат на гости, тоа финансиски ќе ги оптовари. Полека се затвораат, се изолираат. Во меѓувреме, секојдневно се „трујат“ со политика, објаснува Дамјановиќ.

„Ефектот“ на социјалните мрежи

На медиумите постојано има политички дебати, а социјалните мрежи „брујат“ со секакви коментари. Претрупани сме со информации.

-Социјалните мрежи се секако потенцијално опасност особено за луѓето што немаат капацитет и не знаат да ги разграничат работите. Некој со своето мислење може многу лесно да ги заведе, да ги „однесе“ во сосема поинаков правец што не е благопријатен не само за поединецот, туку и за државата. Информациите што се пласираат, за жал, се најчесто непроверени, невистинити. За манипулирање на јавното мислење се презентираат поинаку, се креираат т.н. лажни вести, истакнува докторката.

Од психијатриските болести засега доминира анксиозноста, а најчестите причини може да бидат губењето работа, губењето некој член на семејството, растурање на некоја семејна релација како што е разводот, заминување во странство на сакани лица, економската немоќ…

Силна вознемиреност, неможност за концентрација, мал праг на толеранција, лесна избувливост за мал, ситен повод, пад на расположение, несоница, намален апетит, намалена волја и желба за социјално дружење, нарушување на интимен план, се некои од симптомите.

По анксиозноста се анксиозно-депресивните заболувања и депресијата. Бројката на шизофрени случаи е стабилна.

-Застој во психијатриските заболувања нема, напротив. Се зголемува бројот на пациенти. Дури и возрасната граница е поместена. Се намалува. Јас иако треба да работам со возрасни, во ординација ми доаѓаат и деца до 14, 15, 16 години. Вознемирени се, не можат да се концентрираат во учењето, чувствуваат страв, не се сигурни…, вели д-р Љубинка Дамјановиќ.

Поврзани новости