Романтиката и хуманоста засенети од бесплатната храна

by fokus

 

Во Неготино, турканици пред штандовите за бесплатна храна и пијалоци, а минимален интерес за штандот на хуманоста, за време на празникот Свети Трифун.

Како во Демир Капија, така и во Неготино пензионерите беа најбројни на манифестацијата по повод празникот на лозарите.

Градскиот плоштад беше полн со повозрасни граѓани, пред кои што градоначалникот Ванчо Апостолов и заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски го извршија симболичниот чин на закројување на лозата и им посакаа на лозарите квалитетен род.

По закројувањето и доделувањето на наградите и признанијата на производителите на вино и ракија, следеше настапот на фолк пејачката Сања Барби.

Уште во претпладневните часови, на плоштадот имаше поставено штандови на кои што се служеа бесплатни вино, ракија, но и неготински пити и скара.

Најголема турканица за празникот секоја година има пред штандовите со храна. Голем број од присутните дегустираа на самото место, но имаше и такви, поснаодливи, кои што од понудената храна ставаа во торби кои што ги понеле од дома.

Светла точка во целата еуфорија за да се дојде до бесплатна храна и пијалок, беше штандот на волонтерите од Црвен крст – млади Неготино, кои што по симболична цена продаваа ружи и трендафили со испишани романтични пораки, и колачиња, а собраните средства се наменети за социјално загрозени семејства. Сепак, и покрај хуманата мисија, тие беа засенети од навалата за бесплатен оброк, и редиците од граѓани беа токму пред штандовите со бесплатна храна.

Покрај големиот број на пензионери, во градот имаше и доста гости од странство, односно од збратимените градови Попово и Наѓиката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости