Романскиот премиер поднесе оставка

by Fokus

Романскиот премиер Марсел Чолаку ја објави својата оставка, еден ден откако популистичкиот кандидат на опозицијата убедливо победи во првиот круг од претседателските избори, а кандидатот на неговата партија се откажа од трката. Чолаку рече дека неговата Социјалдемократска партија (ПСД) се повлекува од прозападната коалиција, со што ефикасно престанува да постои.

Социјалдемократските министри ќе останат на функцијата сè додека не се формира ново мнозинство, по вториот круг од претседателските избори. Десничарскиот евроскептик Џорџ Симион освои 41 процент од гласовите во неделата, а во вториот круг на 18 мај ќе се соочи со независниот центрист Никусор Дан, градоначалник на Букурешт.

Коалициониот кандидат Крин Антонеску заврши на третото место.

Иако ПСД на Чолаку освои најмногу места на парламентарните избори на 1 декември, АУР на Симион и две други крајно десничарски партии, од кои едната не ги крие своите симпатии кон Русија, освоија повеќе од една третина од местата и станаа јасна политичка сила.

ПСД формираше коалициска влада со либералите и етничките Унгарци УДМР за да ја одржи евроатлантската насока на Романија. „Коалицијата повеќе нема легитимитет“, рече Чолаку по седницата на партијата. „Следниот претседател ќе ме замени секако, тоа е она што го прочитав.“

Романија има највисок буџетски дефицит во ЕУ и ѝ се заканува намалување на кредитниот рејтинг доколку не спроведе обемни фискални корекции. Победата на Симион би можела да ја изолира Романија, да ги прекине приватните инвестиции во земјата и да го дестабилизира источното крило на НАТО, каде што Букурешт игра клучна улога во логистичката поддршка за Украина, пишува Ројтерс.

Триумф на „романскиот Трамп“ на изборите за викендот
Да потсетиме дека националистичкиот кандидат Џорџ Симион обезбеди повеќе од убедлива победа во првиот круг од повторените претседателски избори во Романија. Тој освои 40,5 проценти од гласовите. Второто место го зазеде градоначалникот на Букурешт Никусор Дан со 20,89 проценти од гласовите, а заедничкиот кандидат на владејачката коалиција, Крин Антонеску, заврши на третото место со 20,34 проценти од гласовите.

Поврзани новости