Рокот истече, Југохром бара уште година и пол за да постави филтри

by fokus

Денеска истекува рокот што пред две години Владата му го одреди на комбинатот „Југохром“ за да се прилагоди со еколошките стандарди и да набави филтри за прочистување на издувните гасови.

Поради непочитување на рокот од управата на комбинатот, невладината организација „Еко Герила„ бара „Југохром“ да се затвори, а во спротивно најавија дека ќе има протести.

-Фактот што „Југохром“ ги злоупотреби сите досегашни рокови и проаѓа неказнето од Министерството за екологија и од Владата, фактот што Јавното обвинителството на Тетово не прифатило да процесира ниту една кривична тужба против овој загадувач, како и молчењето на многу институции за овој проблем, ни ја убива надежта дека проблемот со згадувањето со кој се соочуваат граѓаните на Тетово ќе се реши- велат од „Еко-герила“.

Тие додаваат дека секој обид за продолжување на рокот на комбинатот, поттикнува сериозни сомнежи за голема коруптивна афера, со голема веројатност за вмешаност на двете владејачки партии.

Според генералниот директор на „Југохром“, Васко Скендеровски, филтер станицата не се изградила во предвидениот рок, затоа што била сложена процедурата за добивање на дозволата за градба.

– Ние повторно побаравме од владата да ни го продолжи рокот за поставување на филтер станицата. Побаравме рок од 18 месеци и во меѓувреме, интензивно работиме на изградбата на филтер станицата – изјави Скендеровски.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи пак, неодмна најави дека ќе испрати барање до Владата да се стопира работата на „Југохром” до март, доколку не постави филтри за прочистување.

Поврзани новости