Роднина на велешанката Пале за „Фокус“: Морав да ја кажам вистината, оти душата ќе ми препукне!

by Fokus

Изминативе денови, по настанот, телефоните постојано ни ѕвонат, се јавија голем број на адвокати од целата земја, кои се понудија да ја застапуваат Пале без надомест, бидејќи сметаат дека правдата е на нејзина страна и како убиството се случило во самоодбрана – за „Фокус” раскажува блиска роднина на 23-годишната Пале И. од Велес, по случајот кој ја вознемири целата јавноста.

Идентитетот на роднината е познат на редакцијата „Фокус”, а со цел заштита на приватноста, нема да го објавиме. Трагичната приказна за Пале осамна во сите медиуми на 29-ти септември. Според Обвинителството, таа живеела во вонбрачна заедница со 40-годишниот полициски службеник Александар Р., кој во критичниот период ја фатил за врат и започнал да ја дави, по што таа го избодела со нож.

Веста за убиството на полицаецот одекна во целата земја, а набргу потоа се објавија и детали од насилното минато на Александар, кој во два наврати, за две кривични дела бил условно осуден во Основниот суд во Велес. Роднината на Пале раскажува дека сите се потресени и се уште не можат да се смират, но сакаат јавноста да ја дознае вистинската слика. Појаснува дека по настанот, Пале била таа која што повикала итна помош, се присетува на тешкиот живот на својата роднина, но кажува и дека жали што роднините не успеале на време да сфатат што се случувало во домот на Пале.

-Таа имаше тешко детство, нејзиниот татко беше алкохоличар. Се разведе од мајка и, која е болна, има склероза и е во постела веќе подолг период. На почеток, Пале и нејзината сестра близначка, живееа со мајка им, а потоа, кога уште малолетна, таа го запозна Александар, со него замина во куќата на татко и. Таму и се случи настанот, во таа куќа, каде тие останаа да живеат и по смртта на татко и. Уште на почеток на нејзината врска со Александар, кој зад себе имаше неколку бракови и деца, јасно ни беше на сите дека Пале во него барала поддршка, заштита, ете направила погрешна проценка. Татко и дури и го пријави случајот, бидејќи се работеше за малолетно девојче и возрасен маж, тие беа повикани на разговор, каде Пале изјавила дека е со него доброволно, и тој продолжи да живее со неа-појаснува роднината.

Додава дека таткото на Пале доживеал сообраќајна незгода, се повредил и се здобил со хематом на главата. Последниот период од животот, буквално не знаел ништо. Јасно им било дека Александар е посесивен и дури не и дозволувал на Пале да има свој профил на социјалните мрежи, постојано бил со неа, дури и кога сакала да ги посети роднините. Се случило да забележат дека забот и е поткршен, кога ја прашале што се случило, им одговорила дека се сопнала, паднала… Имало случка кога ја виделе со црвено око и испукани капилари, за што таа повторно ги уверувала дека сама се удрила.

-Сега сфаќаме многу работи. Пцуењето и навредите и беа дел од животот, верувам дека соседите тоа ќе го потврдат. Но, најмногу жалиме што не успеавме да сфатиме на време дека таа трпела и физичко малтретирање, и целото време си молчела и собирала во себе. Најверојтано, се плашела да побара помош, немаше каде да се обрати, каде да оди, а тоа што тој беше полицаец, најверојатно било причина таа да се плаши да го пријави во полиција, кај неговите колеги. Инаку, Пале работеше во германската фабрика Дрекслермајер во Кавадарци, и дознавме дека често отсуствувала од работа. Наша претпоставка е дека барала слободни денови во тие периоди кога трпела физичко насилство, бидејќи се срамела да се појави во јавност со модрици. Беше многу вредна, постојано нешто работеше дома, на работа беше добар работник, дури и кога на гости и доаѓаа децата на Александар, од бракот со поранешната сопруга која живее во Австрија, а кои се речиси врсници со Пале, таа премногу се трудеше околу нив. За тоа, дека е многу вредна и трудољубива, сите секогаш ја задевавме – вели роднината.

Смета дека Пале била незаштитена, млада, злоупотребена, и Александар дури успеал да ја одвои од сестрата близначка, кога инсистирал целата куќа од нивниот татко да ја добие Пале. Токму тогаш, во 2016 година, кај нотар, тој ја фатил за врат сестрата на Пале и се заканил дека ќе и го скрши вратот ако не и ја препише куќата, за што условно бил осуден за делото изнуда. Сестрата на Пале, која живее во Скопје, не сакаше јавно да зборува за настанот.

Роднината на велешанката додава дека се решиле да излезат во јавност со својата приказна, бидејќи не сакаат случајот да падне во заборав, а Пале да го помине животот во затвор. Бараат правда, вели, но и одговорност, доколку некој од колегите на Александар знаел што се случува, но не се презело ништо, со што би се спречила трагедијата.

-Александар често пиеше алкохол, и сега веќе сме уверени дека тогаш ја малтретирал Пале. Тој беше силен, мускулест маж, а таа беше физички преслаба, коски и кожа. Сфаќаме дека живеела во страв. И уверени сме дека целиот настан ќе се избегнеше, доколу системот не потфрил, доколку се реагирало на време. Сите сме потресени, постојано размислуваме за ова што се случи, но веруваме дека секој еден, кога би се нашол на местото на Пале, веројатно би реагирал исто, додека се бори за здив, за сопствениот живот- раскажува роднината.

Апелира надлежните служби да го расчистат целиот случај до крај во најбрз можен рок, да не се дозволи Пале да го мине животот зад решетки, да се бара одговорност доколку службите потфрлиле, доколку имале информација со што се соочува младата жена, а ништо се се презело во нејзина заштита на време.

-Постојано се зборува за семејно насилство, се бараат начини да се поттикнуваат жртвите да не молчат, да ги пријавуваат случаите. Но, се размислува ли што откако жртвата ќе пријави? Какви решенија се нудат, каква заштита? Факт е дека повеќето жртви се плашат и не пријавуваат, бидејќи чувствуваат дека нема да ја добијат потребната заштита. И веруваме дека токму тоа е случајот со Пале, од страв молчела цело време. Благодарни сме на сите адвокати кои се понудија за помош, се надеваме дека вистината ќе излезе на виделина, и иако на ваков трагичен начин кој не смееше да се случи, дека ова ќе биде поука за во иднина, да не се дозволуваат пропусти во системот, без оглед за кого станува збор. Ова е вистината, Пале не е ладнокрвен убиец, туку млада девојка која се борела за живот, и морав ова да го раскажам, ќе ми препукнеше душата ако премолчев- порача роднината на велешанката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости