Родителите на Тоше нема да дојдат на концертот: И по 11 години, болката само расте

by Fokus

Доминика и Никола Проески, родители на легендарната музичка ѕвезда Тоше, нема да присуствуваат на големиот концерт во негова чест, кој ќе се одржи на 2-ри ноември во Скопје.

Ниту тоа што на настанот ќе настапи и нивниот внук од ќерка, Кристијан Ристески, со песната ,,We are blood”, не успеало да им помогне на родителите да соберат сили и да се појават на концертот. И по единаесет години од трагедијата, тие остануваат да живеат повлечен живот, подалеку од очите на јавноста.

Веста дека родителите на Тоше нема да присуствуваат на концертот ни ја потврди и Славен Ристески, сопругот на Дора, постарата сестра на Тоше. Вели дека и покрај тоа што ќе настапи нивниот внук Кристијан, нема да дојдат, бидејќи им е премногу тешко. Годините кои што изминале се нешто сосема занемарливо кога е нивната тага во прашање и ништо не може да им ја ублажи болката по изгубениот син. Додека беше жив, Тоше често истакнуваше дека семејството му е најважно и како е многу приврзан со родителите.

Во интервју по неговата смрт, сестра му Дора раскажа дека последниот ден во Крушево, пред да загине, воопшто не му се тргало на пат. Мајка му го будела, а тој и повторувал дека воопшто не му се оди. Тогаш, помалиот син на Дора, Никола, ги скрил клучевите од автомобилот на Тоше, и по многу убедување и молби, со плачење му ги вратил.

Освен со родителите, сестрата и зетот Славен, Тоше бил премногу приврзан и со неговите внуци, Кристијан и Никола. Тој го учел Кристијан да свири на гитара, а првата песна која што го научил била ,,Твоите бакнежи на моите бели кошули”. Тогаш десет годишниот Кристијан раскажа дека вечерта пред Тоше да замине од Крушево спиеле заедно, и му ветил дека од Хрватска ќе му купи игра со авиони.

На големиот концерт во чест на Тоше, во петок, ќе биде промовиран албумот ,,Secret place” со нови, необјавени песни. Дел од стиховите на песната на англиски јазик, која ќе ја отпее Кристијан се следните: Си замина како војник одејќи во војна, слушнав шепот, ми рекоа дека си отишол. Јас сѐ уште те барам на твоето тајно место, иако знам дека не си таму. Знам дека ме браниш од небото, ние сме крв.

Вики Клинчарова

Поврзани новости