Родилката се уште позитивна на Ковид 19 денеска потпишала изјава и си заминала и од Инфективната клиника

by Fokus

Дваесет и седумгодишната родилка која пред неколку денови ја напуштила скопската Клиника за Гинекологија и се породила во „Ремедика“ денеска самоиницијативно потпишала изјава дека си оди и од Клиниката за Инфективни болести се уште позитивна на Ковид 19, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, докторката денеска помеѓу 15 и 16 часот ја напуштила клиниката, откако претходно ја потпишала изјавата.

Таа во рок од само неколку денови направила целосна маршута низ клиниките, поточно откако на 6 јуни била примена на скопска Гинекологија, каде што дава лажни податоци дека нема контакт со заболен од корона вирус во семејството, при што била хоспитализирана во делот каде што се пациентките кои не се носители на вирусот. Откако на клиниката, дознале дека всушност нејзиниот свекор е заболен, решиле да ја префрлат во изолациониот дел, тогаш таа одлучила и потпишала изјава дека под морална и кривична одговорност ја напушта клиниката.

Нашите извори уште тврдат дека таа од Гинекологија си оди дома, но откако почнало породувањето на 8 јуни оди во приватната болница „Ремедика“ каде што се породила и четири медицински сестри се ставени во самоизолација. Сепак, нејзиниот пат по скопските клиники продолжува, па како што објави денеска „Фокус“ таа на 9 јуни завршува на Инфективната клиника и дури таму признава дека пред една недела имала симптоми со настинка и црвено грло.

„Пациентка на 8 јуни со царски рез породила жив плод со уредни димензии во болница Ремедика. Протоколарно бил земен брис за SARS CoV 2 и со претходна најава е примена на нашата клиника со возило на Итната медицинска помош. Пациентката е без тегоби или температура и дава податок за симптоми на настинка со црвено грло од пред една недела за која се лекувала со симптоматика и тегобите за два дена се смириле – се наведува во извештајот од Инфективната клиника, до кој дојде „Фокус“.

Таа дури признала дека и нејзиниот свекор е позитивен од пред една недела.

Но, за да биде скандалот поголем, во меѓувреме исчезнува нејзината лажна изјава од Клиниката за Гинекологија, за што потврди и директорката Викторија Јовановска. Случајот е пријавен во МВР, а полиција цел ден на клиниката испитува кој е тој што ја земал изјавата.

Дека пациентката си заминала од Инфективната клиника, за „Фокус“ потврди и директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, доктор Ирина Бухова.

„Добивме известување од Клиниката за инфективни болести дека пациентката потпишала изјава и самоволно ја напуштила клиниката. ДСЗИ е во постапка на издавање на решение за домашно лекување и самоизолација – вели доктор Бухова.

Како што дознаваме, бебето се уште е во приватната болница, тоа е негативно и се очекува утре да биде пуштено дома.

Ирена Мулачка

Поврзани новости