Роди бабо дете

by Fokus
Едноставно господинот Мицкоски е „баба“, пензионер на политичката сцена и не може да го роди тоа дете. Можете да го силувате колку сакате, може да му се качите на глава и милион од вас, резултатот ќе изостане. Едноставно Христијан не може да роди. Едноставно Христијан не го може тоа. Време е за нова генерација политичари, не само во опозицијата, туку генерално на политичката сцена во земјава, за државата да ни тргне на арно. За да се вратиме на автопатот за ЕУ, за благодет и спокоен живот за секој еден од нас. За живот на слобода!

Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист

Прво правило кога не можам да ги разберам позициите на човек, било поединец или група, е да се ставам во негова / нивна кожа и со негови / нивни очи да погледнам зошто се на тој став. Има многу неразбирливи ставови на македонската политичка сцена, особено како е можно граѓаните да гласаат за истите политичари кои ги млатат повеќе од триесет години. Но тоа сме го апсолвирале во рамки на недоволно добрата понуда од алтернативни политички организации. Значи проблемот е кај опозицијата. Тоа сите го знаеме. И тоа не е само кај она што остана од старото ВМРО ДПМНЕ, туку генерално на опозициската сцена. Ги познавам сите до еден. Од хард патриоти, плукачи, визионери, романтичари, сонувачи… до секоја една фракција во ВМРО ДПМНЕ.

Од сите нив, само еден став не ми е јасен, а тоа е ставот на т.н. поддржувачи на господин Христијан Мицкоски. Во ред е клиентелизам, желба да се добие нешто од партијата и од власта, но како тоа кога сите знаат дека нема власт со Христијан? Викаат ние сега имаме топ позиции во партијата, ќе чекаме по инерција да падне Заев и ќе нема кој друг, веројатно Христијан ќе биде премиер, а ние ќе ќариме нешто?!? Ама пустово, никако Заев да падне. Така го чекавте и во Струмица да падне, ама не паѓаше. Уште тогаш ви говорев зошто и како. Тоа значи дека Христијан треба да има капацитет прво да се организира, потоа да го симне Заев од власт, па да формира влада која тој би ја управувал. А сите знаеме дека тоа не е можно, човекот нема таков капацитет. А има желба. Огромна желба. Глад за власт од епохални размери, до сега не виден на политичката сцена во земјава. Но сите имаме некакви желби и амбиции, а тоа не значи дека се тие реални и остварливи. Човекот сака, ама не може. Овие неговите т.н. поддржувачи му се запнале „ајде па ајде“! Е ајде де, роди бабо дете!

Не е во ред да страда цела држава за комфорот на вас малкумина другарчиња на Кики

Колку и да се стави човек во нивна кожа и да ги стави нивните очила, да гледа со нивни очи, нивниот став е просто неразбирлив. Во ред е да си го сакаш Христијан, во ред е да му посакуваш се најдобро, но не е во ред од човекот да очекуваш нешто што не го може. Едноставно на него лошо му правиш. Го тераш и очекуваш да направи нешто што не може, со тоа го ставаш во исклучително незавидна положба. Па дали се толку сурови т.н. поддржувачи на Мицкоски, водени од лични амбиции и алчност, да го држат во заложништво самиот Мицкоски, да го присилуваат да прави нешто што не може, нешто за што не го бива, само и само да си остварат лични очекувања. Со тоа тие не се поддржувачи, туку мачители на Мицкоски. Јас се ставам во нивна кожа и не можам да ги разберам, зошто, зошто до толку го мразат својот „месија“? Токму неговите „поддржувачи“ го злоставуваат како некоја робинка од стара Персија! Греота е човекот бре луѓе, тој тоа едноставно не го може! Како што не може баба да роди дете. Дури побрзо ќе роди бабава, од тоа Христијан да победи на избори!

Се е во ред, и амбиции и желби и потреби… но кога не оди, не оди и точка! Жално е за човекот да се малтретира и понатаму. Едноставно нема капацитет да биде лидер на опозиција, не знае да ја раководи ни сопствената партија, а не да ја окрупни и реорганизира опозицијата. Христијан знае дека не може, тоа го крие, но си ја мачи душата. Не му е пријатно на неговите да им откаже, да им рече дечки до тука било со мене, ајде да бараме друг. Сигурно и за вас и за мене ќе биде подобро. Подобро е да се смени власта, од тоа да ја држиме ние партијата под контрола, но вечно да останеме во опозиција. Знам дека е вносно и да си опозиција, има доволно за врхушката на белата палата, но тоа не е опозиција, туку дел на власта. Комфорната зона на опозицијата е строго ограничена и во неа се малкумина другарчиња на Христијан. Не е во ред да страда цела држава, да страда Македонија, за комфорот на вас малкумина другарчиња на Кики. Не е во ред да ги лажете останатите „поддржувачи“ на Мицкоски дека нешто правите за промена на власта! Не е во ред! Останатите и онака никогаш не сме ви верувале за ништо, па најмалку дека нешто ќе постигнете.

Почитувани опозиционо расположени граѓани, без квалитетна опозиција нема напредок во демократскиот систем на управување со Македонија. Тоа што имаме контролирана демократија е дополнителен црвен аларм. Реорганизација на опозицијата мора да се случи. Сега и веднаш. Власта веќе забегува по сите основи, ги изгуби сите патишта, а последно го изгуби и автопатот кон ЕУ. На власта и треба опозициска сила која ќе ја вразуми и замени. Тоа ни треба на сите граѓани. За да го реализираме тоа, имаме само една пречка, а тоа е т.н. лидер на опозиција, господинот Христијан Мицкоски. Не е чесно и пред себе и пред Бога, да очекуваме од човекот да „роди дете“. Едноставно господинот Мицкоски е „баба“, пензионер на политичката сцена и не може да го роди тоа дете. Можете да го силувате колку сакате, може да му се качите на глава и милион од вас, резултатот ќе изостане. Едноставно Христијан не може да роди. Едноставно Христијан не го може тоа. Време е за нова генерација политичари, не само во опозицијата, туку генерално на политичката сцена во земјава, за државата да ни тргне на арно. За да се вратиме на автопатот за ЕУ, за благодет и спокоен живот за секој еден од нас. За живот на слобода!

 

 

 

Поврзани новости