Рочиште за „Тенк“ – Адвокатите на одбраната повторно побараа изземање на судијката Кацарска

by fokus

Барање за изземање на судијката Добрила Кацарска побараа адвокатите од одбраната на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на почетокот на денешното рочиште во раздвоената постапка во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на „мерцедесот“ вреден 600 илјади евра.

Судијката Кацарска даде пауза од половина час за претседателот на судот, Иван Џолев, да се произнесе за барањето на адвокатите.

Адвокатите Сања Алексиќ и Боро Тасевски објаснија дека барањето за изземање се однесува на мислење добиено на 27 август од седум члена на Комисијата за заштита од дискриминација со кое таа го задолжува судот да ја отстрани веќе утврдената дискриминација во постапката.

За денешното рочиште предвидено е да бидат сослушани шест сведоци предложени од обвинителството. Судијката Кацарска на почетокот на судењето за овој случај закажа 23 рочишта за помалку од 40 работни дена.

На претходното рочиште беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од Обвинителството, кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.

Поврзани новости