РОБОВИ

by Fokus

За жал, тоталитарната фашистичка држава доаѓа во форма на безбедносно-здравствена заштита. И повеќето граѓани, под константно сеење страв и пропаганда, со отворени раце ја дочекуваат. За жал, сакаат да бидат робови!

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

„Lock up your libraries if you like; but there is no gate, no lock, no bolt that you can set upon the freedom of my mind.“ Virginia Woolf, A room of One’s Own

Скопје, а претпоставувам и цела Македонија едвај го преживеа нешто над шеесетчасовниот карантин. За овој викенд нè чека уште подолг lockdown од осумдесет и пет часа, со цел за православниот Велигден да се спречи ширење на корона вирусот, во период кога црквите вообичаено се преполни со традиционалисти, како што јас ги нарекувам, или православни верници, кои во текот на годината на комшијата му мислат лошо, на колешката ѝ чинат зло, вршат прељуби, ама тој ден се најголеми православци. Секоја чест на исклучоците.

По речиси еден месец мерки, те полабави, те порестриктивни, време е да се прашаме што правиме со нашите права и слободи (баш така се викаат, да не звучам како домицилниве професионални борци за човекови права и слободи) на еден пролонгиран, или, не дај Боже, траен рок? Кога велиме основни човекови права и слободи, не мислиме само на правото на живот, туку во една екстензивна смисла – право на слобода на движење, слобода на здружување, правна заштита од мешање во приватен и семеен живот, слобода на мирни собири и сето она што нè прави СЛОБОДНИ граѓани, а не нумерички специменти единствено разликувајќи се по матичниот број.

Човек е роден да биде слободен – граѓанското општество и уредување одамна го заменија феудалното. Извинете што не сакам да бидам закрепостен селанец, кој не смее да ја напушти нивата што ја обработува доколку феудот не му издаде пусулче. Оние кои деновиве врескаат дека правото на живот е загрозено со сегашната состојба, би требало да дозволат историјата да ги научи пар лекции. Ниедна тоталитарна власт, ниту еден убиствен режим не се инсталирал преку ноќ, туку се инсталирал, пред сè, благодарение на моќна пропаганда и луѓе кои „само си ја работат работата“, и чија инсталација обично доаѓа по некој настан.

За наци Германија тоа беше палењето на Рајхстагот, за кое денес знаеме дека е инсценирано од Хитлеровите следбеници (таканаречена false flag операција), за САД тоа беше 9/11 по кој се донесе Патриотскиот акт согласно кој доколку некој разузнавач Ве обележи или сомничи дека сте терорист (сомничи, не обвини, не осуди, не докаже-сомничи) можете БЕСКРАЈНО да бидете држени во Гвантанамо, без право на пристап до адвокат, посети и слично во директно кршење на меѓународно признати норми за ограничување на времетраењето на притворот, право на одбрана и слично.

Кога се најавија мерки во САД, Америте, за разлика од целиот свет, не чекаа редови за храна, туку за оружје, и тоа воопшто не е случајно. Вториот амандман, кој дозволува слободно поседување и носење оружје, не е воведен за да ја брани државата од инвазија – за тоа постои војска. Воведен е бидејќи татковците на САД ги знаеле опасностите од премоќна власт, и затоа е воведено ова право со цел одбрана на граѓаните од тиранска власт. За жал, тоталитарната фашистичка држава доаѓа во форма на безбедносно-здравствена заштита. И повеќето граѓани, под константно сеење страв и пропаганда, со отворени раце ја дочекуваат. За жал, сакаат да бидат робови!

Во време кога има повеќе од доволно информации, да се биде игнорантен е избор! Јас роб не сум, ниту имам Стокхолмски синдром!

Поврзани новости