Продолжува судењето за Груевски и поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ за злосторничко здружување

by fokus

Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за предметот „Титаник“, кој е прв случај обелоденет од Специјалното јавно обвинителство.

Обвинителите на СЈО на минатото рочиште побараа од Судот да им се конфискува имот на обвинетите Никола Груевски и Мартин Протуѓер во вредност од 34.908.000 денари.

Конфискација на имотот што одговара на незаконски обезбедени средства, обвинителите побараа и за други обвинети во овој случај.

Претходно, судечкиот совет го отфрли како недозволено барањето на одбраната за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова образложувајќи го обвинението рече дека претставува злосторничко здружување за кое постојат многу докази.

Таа истакна дека ќе докажат оти за изборите во 2013 за избор на пратеници од дијаспората, обвинетите Груевски, Јанакиески и Јанкулоска формирале група за да ги добијат пратеничките места на незаконски начин.

Според СЈО, за време на изборите во 2011, 2013 и 2014 година тие незаконски прибирале средства за партијата на која и припаѓаат.

СЈО во доказите ќе го презентираат и избирачки список со граѓани кои биле обележани како гласачи на партијата на власт и оние кои со притисок требало д се придобијат.

Како што истакна обвинителката Стефанова, од СЈО ќе докажат дека обвинетите формирале пара-полиција за време на изборите во Охрид за да вршат притисок врз граѓаните.

Во „Титаник“ обвиенти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Поврзани новости