Ристова-Астеруд: Претседателот треба да го користи институтот помилување зрело и одговорно!

by Фокус

Професорката на скопскиот Правен факултет, Каролина Ристова-Астеруд, која членувала на Комисијата за помилување во времето кога претседател на на државата беше Бранко Црвенковски, оценува дека е многу невообичеана овогодинешната одлука на актуелниот претседател Ѓорге Иванов да помилува дури двестотини осуденици, што е драстично повеќе во споредба со претходните години, и тоа во период кога имаше неколку неуспешни иницијативи за амнестија на затвореници со усвојување на закон од страна на парламентот.

– Комисијата за помилување на Црвековски ни оддалеку нема дадено толку многу помилувања наеднаш, во ниту една прилика, за ниту еден празник. Навистина е невообичаена бројката со сегашните новогодишните помилувања. Од искуство со обемот на работа на ваквата комисија, не верувам дека Комисијата седнала темелно, сериозно и одговорно да ги разгледа случаите и да даде одговорен предлог до претседателот Иванов. Да сме му дале на претседателот Црвенковски толку предлози, уверена сум дека ќе имаше повратен „абер“ со прашања до претседателот на комисијата или до целата Комисија – вели Ристова-Астеруд.

Освен што зачудува обемот, бројот на помилувањата, над сите просеци и пракса, додава таа, не може да се игнорира и фактот што таквата масовност доаѓа после неуспешни обиди за законска амнестија.

– Ако се види содржината на неуспешните законски предлози, за кавки дела, казни, мислам дека може да се изрази некаква скепса дека тоа што за некои дела и сторители што не се успеало да се издејствува со законски предлог, последователно се искористило како канал индивидуалното, по име и презиме, помилување од шефот на државата. Од искуството од работата на Комисијата за помилување на Црвековски, во сите одлуки дали, кога и колку милост се водевме и од казнената политика на земјата (законодавна и судска), специјалната и генералната превенција. Во овој контекст излегува дека извршната власт повторно нашла начин да ја руши и бламира законодавната власт, сега во делот на меѓудејството и меѓузависноста меѓу политиката на казнување и политиката на помилување – посочува универзитетската професорка.

Според неа, институтот помилување не е прашање на одлучување на вина, туку се однесува најчесто за осудени лица за кои е утврдена вина, па помилувањето треба да се применува зрело, мудро и одговорно.

 

Поврзани новости