Ристо Вешков: Песната за мојата Цветанка е најслушана, оти секој збор и е вистинит!

by Fokus

Популарниот фолк композитор Ристо Вешков, кој со децении живее и твори во Америка, вели дека овој месец се навршуваат десет години од создавањето на неговиот најголем хит, песната ,,Цветанке моја” посветена на неговата сопруга, па поради успехот кој што му го донесе нумерата, планирал да направи забава за јубилејот.

Иако, зад себе има стотици песни кои што се испеале, песната во која ја опеал искрената љубов кон сопругата, станала една од најизведуваните, но и најпрепеаните од повеќе музичари.

,,Мојата песна ,,Цветанке моја” за прв пат беше изведена во 2007 година, и доби прво место од публика на фолк фестивалот ,,Филиграни”. Веќе наредната година, таа беше прогласена за најслушна песна помеѓу два фестивали. Бидејќи не сум во Македонија, ми се јавуваа пријатели да ми кажат дека на повеќе радио станици истата била хит на неделата многу пати. Ја има и на сите албуми на ,,Филиграни,, како една од десетте најубави фестивалски песни” – раскажува композиторот.

Многу се изненадил кога случајно дознал дека истата ја препеал и пејач од Доминиканската Република, кој што на својот јазик ја насловил ,,Флорецита миа”. Освен доминиканецот, нумерата ја препеала и групата Молика, била снимена и на српски јазик, а фолк пејачот Зоран Дамјанов го насловил и својот албум по неа.

,,Драго ми е кога ќе ми кажат дека песната се пее на свадби, на разни свечености… Ја напишав од срце, како благодарност за љубовта од мојата сопруга, за убавиот живот во слога кој што го живееме со децении, за плодот на нашата љубов, ќерката и синот, внуците… Успехот на нумерата се должи на искреноста во стиховите, и ме потсетува на познатиот Кичо Слабинац и неговата песна ,,Због једне дивне црне жене” (,,Поради една прекрсна црна жена”) кој ја посветил на девојка со која што патувал заедно од Америка до Загреб, но нивата љубов немала среќен крај.

За разлика од него, јас и сопругата Цветанка ја имаме среќата да го живееме животот заедно во голема љубов” – вели Вешков, па поради тоа ќе го одбележел јубилејот на песната со свеченост.

Тој со семејството доаѓа во родното Кавадарци секоја година и учествува на многу фолк фестивали со свои песни.

Во САД е претседател на македонско здружение и често организира разни музички настани со гости од македонската естрада. Иницијатор е на многу хуманитарни акции за помош на загрозени граѓани во Македонија.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости