Ристески, првак во пинг понг за телесни инвалиди, по настаните во Тимјаник прашува: Треба ли закон за еутаназија за нас, кои сме со инвалидитет?

by fokus

Рубинчо Ристески, првак на Македонија во пинг понг за лица со инвалидитет и член на нашата репрезентација, вели дека е изненаден од реакциите на жителите на Тимјаник, по повод најавата на Министерството за труд и социјална политика, дека во селото ќе бидат сместени четири дечиња со пречки во развојот.

Разочаран, како лице со инвалидитет, по она што го видел и слушнал од вчерашната средба на министерката Царевска со тимјаничани, прашува дали треба сите инвалиди да се еутанизираат, со цел да се спаси државата.

-Гледајќи ги реакциите на луѓето кои излегле да протестираат против деца со инвалидност, јас не можам да изградам став, жално е што во државава имаме вакви луѓе кои викаат дека не се фашисти, а во реалноста се далеку повеќе од тоа.
Јас се прашувам како лице со инвалидност дали треба да се донесе закон за еутаназија и сите да не успијат кои имаме некаква инвалидност, и да се куртули оваа држава? Еве, нека се куртули државата од нас, ама пак нема да се искорени глупавоста и ограниченоста на сфаќањата на дел од популацијата во Македонија. На крај само си го поставувам прашањето, кој е во случајов хендикепиран, децата или протестантите, или двете страни – вели Ристески.

Тој со години наназад е редовен на меѓународните турнири во пинг понг за лица со телесна попреченост и постигнува значителни резултати. Во изминатите три недели учествуваше на три меѓународни турнири, во Варна, Бугарија, Подгорица, Црна Гора и Струга.

Во Бугарија освои второ место поединечно и прво место екипно како репрезентација на Македонија, со Марјан Зафировски. Во Црна Гора, исто така освои второ поединечно и прво екипно, а во Стуга пак, второ поединечно и трето екипно. Член е на нашата репрезентација од 2001 година и до денес бил првак на Македонија 15 пати.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости