Милан Ристески, директор на скопската Клиника за онкологија и радиотерпаија во изјава за „Фокус“ тврди дека вчера самоиницијативно отишол во Собрание, не бил организирано со демонстрантите од Иницијативата за Заедничка Македонија.
Според него, се тоа што се случувало во Собранието, каде што тој бил присутен вчера било страшно.
– Во Собранието отидов како граѓанин изреволтиран од се што се случува во државата. Кога стигнав таму, веќе беа пробиени три кордони и јас влегов внатре и видов една група како крши. На вратата во Собранието имаше еден полицаец, на кој му беше повредена кичмата. Од тоа што видов беше набиен на квака. Втор на кој налетав беше од обезбедувањето, исто така нагмечен на квака – тврди Ристески.
Тој додава дека помогнал колку што можел да се извлечат дел од луѓето, кои биле повредени, а меѓу нив била и Радмила Шеќеринска.
– Јас ја излеков Шеќеринска, која беше повредена, а ми помогна еден од обезбедувањето. Истите луѓе го истепаа и Влатко Ѓорчев, кој сакаше да ми помогне на колегите пратеници од СДСМ за да не ги тепаат – вели директорот Ристески.
И.М.