Рипортерс: Новинарите пеат без граници

by Фокус 12:23
12:23

Нивниот лик го гледаме на телевизиските екрани. Дел од нив своите прилози ни ги носат на своите портали. Овојпат излегуваат од светот на медиумите и влегуваат во еден друг свет, кој надвор од професијата, приватно на сите им е близок. Новинари од неколку различни редакции создадоа нов интересен музички проект, „Рипортерс“. Оваа екипа обедини познати македонски новинари, кои преку музиката ќе се обидат да ја пренесат пораката за новинарите, а воедно и да ги поддржат своите колеги кои се наоѓаат во исклучително тешки мигови.

„Рипортерс“ се: вокалистот Петрит СарачиниДраган Антоновски – ритам-гитара, Стојан Трпчевски – вокал и клавијатури, Жарко Димитриоски – соло-гитара, Борјан Јовановски – тапани и Миле Бошњаковски бас-гитара. Како гостин на песната „Пушти глас“, дел од тапаните ги свири и новинарот на Телма Панта Џамбазовски, инаку првиот тапанар на „Архангел“. Со нив денес се дружевме во Скопје Сити Мол.

- Advertisements -

Едноставно беше, тука имавме сѐ што ни беше неопходно за опуштени мигови, ги обединивме забавата, дружењето и шопингот. Да, оваа интересна екипа составена само од момци, го прекрши правилото дека мажите не уживаат во шопинг.

Пред да им дозволиме да го  најдат она што тие го сакаат, дегустиравме кафе во „Плеј кафе“, додека ја бистревме идејата за нивното спојување.

ФОКУС: Како изгледа еден колегиум на „Рипортерс“, посебно затоа што сте спој на различни редакции?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ: Па, колегиум на „Рипортерс“ најдобро изгледа во неколку прекрасни простории низ градов полни со разгласи, засилувачи, гитари и клавијатури. Тогаш сите сме во функција на другарството меѓу нас, уметноста и песните, и нашата заедничка идеја, да поттикнуваме солидарност меѓу новинарите, а зошто не и меѓу сите љубители на музиката.

Спојот ни функционира прекрасно затоа што без оглед во која редакција сме биле или ќе бидеме, сите во бендот му се радувавме на ова. Искрено да ви кажам, ни требаше еден издувен вентил и еден  нов пристап, кој ќе ги обедини колегите, барем околу нивните најосновни потреби, за што е нужна солидарност и колегијалност на основно, базично ниво.

Ние, низ нашиот пример, се трудиме да покажеме дека тоа е возможно, а и да ги окуражиме и другите колеги, без оглед од која редакција доаѓаат, да ја поддржат оваа иницијатива на Синдикатот, „Рипортерс“ и Здружението на новинарите.

ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ: Многу салати, по некоја ракија, по некое пиво, расфрлани мобилни на маса и скокање од тема на тема како рамно камче фрлено по мирно езеро…

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: Се собираме… Мра нешто шушка… ме вика на страна… си шепкаме… Столе се фаќа за глава и вика аман Мра, пак ли… Жаре се тркала од смеење… Миле мудро молчи, а Драган е нов, се снаоѓа и после… свириме.

СТОЈАН ТРПЧЕВСКИ: На колегиумите на „Рипортерс“, како настани се делат текстови на песни и акорди. Како може да изгледа тоа?! Јако. Сега, генерално се мирни, со повремени „грмежи“  но, почнува музика, и точка. Ние се познаваме меѓусебе со години, многумина од нас и работеа заедно, така што ова е спој на личности, а не на редакции

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Па, тоа ти е како ученици без класен раководител  или репортери без уредник, влези-излези и онаа… дечки ајде бе да почнеме – нема пушење, ајде!

Седум рок-песни, меѓу кои и веќе познатите „Слобода“ и „Пушти глас“, се најдоа на првиот албум на бендот „Рипортерс“. Официјалната промоција ќе биде на 3 мај. Целиот проект е поддржан од Амбасадата на САД, а го реализираат „Рипортерс“ и ССНМ.

Нашиот колегиум во Скопје Сити Мол со момците од „Рипортерс“ од „Плеј кафе“ го дислоциравме во продавницата каде што најчесто заглавуваат припадниците на посилниот пол, „Нептун“. Оваа место е значаен и незаобиколувачки дел на пазарот за техничка опрема во Македонија. Првата продавница на „Нептун“ е отворена во 1998 година, оттогаш мрежата интензивно се шири. Додека тие уживаа во разгледувањето на она што им треба, ние љубопитно продолживме да ја шириме информацијата за нивниот бенд.

ФОКУС: Идејата ви ја посочи американската амбасада. Полесно ли се комуницира со публиката преку музика или преку медиуми?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ: Првиот концерт го свиревме на иницијатива на американската амбасада, која се спроведе во 2010, чинам и во десетици други земји во чест на Даниел Перл, новинар кој трагично загина во Авганистан. Тој едновремено бил и музичар и се дружел и свирел со музичари од целиот свет, секаде каде што го носела неговата работа.

Ние понудивме нешто што е реткост во светот, направивме бенд од новинари за таа пригода. Потоа отсвиревме уште неколку свирки, се роди „Слобода“, ни пораснаа амбициите, и ете нѐ сега со фришка снимен албум, подготвени за турнеја, како што е редот.

ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ: Далеку повеќе сме комуницирале преку медиуми. Уште не ни е количеството на комуницирање преку музика толкава за да споредуваме.

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: Па не знам дали е полесно… ама е поинаку… Медиумите комуницираат со публиката преку факти (така би требало да биде барем), а музиката го изразува духот, емоциите, расположението…

СТОЈАН ТРПЧЕВСКИ: Реакцијата преку медиумите не е моментално видлива, преку музиката, е. Нам како новинари секако ни е полесно да напишеме и да пласираме вести. Но, фидбекот доаѓа подоцна. Е, кога песната ќе ја испееш пред маса луѓе, чувството за тоа што си го направил го имаш моментално. Ама сѐ на сѐ, ние немаме гајле и во двата случаи.

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Битно е дека сите ние не бегаме од комуникација и  имаме сериозни аргументи дали преку зборови или преку тонови, сеедно.

ФОКУС:  Каков е вашиот одговор на обвинувањата дека вие всушност не ни знаете да свирите?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ: Денес е лесно да бидеш обвинет, ако си новинар, за сешто. Ние веќе имавме неколку успешни свирки, а и ја снимивме песната „Слобода“ уште пред три-четири години пред многу очевидци.  Но, со при очи слепи, не вреди да се расправаш. Ние свириме и ќе свириме, и ќе бидеме новинари. А тие што денес нѐ обвинуваат нас, утре ќе му се закачат на некој друг. Секој со своето. Луѓето сами нека донесат заклучок.

ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ: Значи не ми се исплателе сите пари фрлени за часови по „air guitar“.

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: Мојот одговор е да ја прочитаат книгата на татко ми Мето „Клучевите на Менхетн“, поглавје „Мојот придонес за македонската рок-музика“, објавена 1980, и тоа.

СТОЈАН ТРПЧЕВСКИ: Јас не сум чул за такви обвинувања. Ние бевме храбри да имаме неколку концерти досега, а ќе имаме и во иднина. Тој што сѐ уште има дилеми за нашето музицирање, нека повели на свирка.

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Тоа е веројатно проблем на тие што не се со нас, и не биле на наши свирки или не нѐ познаваат како такви. Луѓето што се околу нас, тоа многу добро го знаат, тие што не биле, бујрум нека видат.

ФОКУС: Сарачини, со вас, почна идејата за овој бенд. Но, дали успеавте да ја добиете поддршката од медиумите?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ: Знаете како е со водоводџијата, секаде поправа чешми, дома му капе. Така и ние. Туку да не се жалиме, објавувале колегите за нас, а што е најважно, имаме нивна поддршка на нашите свирки,  како и на последните неколку солидарни „собиранки“ што ги организираме со ССНМ на која се собира индивидуална помош за колеги во неволја. Многу новинари и луѓе од медиумската заедница доаѓаат,  што за нас е доволно, секако имајќи ги предвид и другите општопознати состојби и околности.

Секако, сега пред официјалната промоција на албумот и турнејата со свирки, очекуваме уште поголема поддршка од колегите, не за наша „популарност“, која мислам дека на ниту еден од членовите на „Рипортерс“ индивидуално не му недостасува, туку за да направиме силен Солидарен фонд кој ќе им помогне на колегите кога им е најпотребно, и да испратиме порака и до јавноста и граѓаните, дека за да има силно новинарство, ни треба и нивната поддршка. Затоа и му благодариме и на „Фокус“, медиум кој секогаш и во сите времиња бил на вистинската страна за овие прашања.

ФОКУС: Дали музиката на „Рипортерс“ свири во македонскиот етер?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ: Свири, на неколку радија, а свири и онлајн, оние неколку синглови по „Слобода“ со кои главно онлајн се обидовме без комплекси да ја понудиме нашата музика до оние што сакаат ваков. Сега, кога официјално го промовираме албумот со концертот на 3 мај, меѓународниот ден на слобода на медиумите, и во текот на наредниве месеци, очекуваме овие песни да се вртат повеќе по радијата и клубовите. Секако, тоа многу ќе зависи од тоа колку музиката ќе им се допадне на луѓето, на музичките критичари, на диџеите. Ние мислиме дека сме погодиле и се радуваме на тоа што го направивме, секако со помош на Трајко Симоновски Таци, нашиот другар и продуцент, со помош на Педо, Бумбар, и нашите колеги Сашка Цветковска, Вероника,  Панта, Цирко… колку сме во право, ќе видиме наскоро.

ФОКУС: Која е всушност целта на постоењето на бендот кој го сочинуваат исклучиво луѓе од медиумите? Дали со тоа сакате да испратите некаква порака дека уметноста нема граници и подвојувања?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ: Би било клише да кажам дека уметноста не познава граници. А многу историчари на книжевноста, критичари и научници, и новинарството го сметаат за еден вид уметност, јас би го нарекол уметност на вистината. Нашата порака, барем за мене е јасна – да се сплотиме, да бидеме заедно тогаш кога ни е тешко.

Музиката е најдобриот лек за душата, а низ историјата се покажала и како голем мотиватор и средство за менување на општеството и свеста на луѓето. Ние низ овој спој сакаме да излеземе од кругот на злобата што ја зафатила нашата професија и да испратиме една поинаква, позитивна порака, за обединување околу вистинските вредности на професијата.

ФОКУС: Борјан, може ли да се живее подобро од музика или сепак медиумите сѐ уште имаат своја цена?

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: Па, јас не знам како се живее од музика… од она што го гледам, ми се чини дека сите ние сме во една иста каша и медиуми и новинари и музичари.

ФОКУС: Во  бендот не вклучивте новинарка, со исклучок на Сашка Цветковска, која го потпиша текстот на вашиот прв сингл. Не почувствувавте ли потреба да вклучите и женски лик, ете посебно затоа што идејата ви е солидарност со новинарите? Можеби дама во вашиот музички пакет ќе испратеше порака плус?

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: За жените, немам баш некој коментар. Уште на почетокот им понудивме на некои колешки… Не сакаа… Еве јавно сега повикуваме која сака нека се придружи. „Рипортерс“ се слободна територија.

ФОКУС: Антоновски, зошто баш „Рипортерс“? Зошто не се одлучивте за македонско име на бендот? Истакнувате дека ќе се солидаризирате со  тешките судбини на македонските новинари, во вашите текстови секогаш имате порака, па затоа која е пораката со вашето име, кое еве не е на македонски?

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Многу подобро звучи „Репортери“, отколку замисли „Уредници“, кој сака уредници, а за жал ние сме сите токму тоа! Шегата на страна,  репортерството е основата на новинарството, не можеш да бидеш уредник и некој во новинарството ако те нема на терен, ако одблизу не ги гледаш работите, така што тоа е еснафско име да се разбереме.

Пораката е многу јасна, не се станува уредник или ѕвезда од канцеларија од кабинети и теоретизирања, туку треба да бидеш на терен да влезеш во настанот и да го пренесеш до гледачот. Во бендот имате сурови, класични репортери кои поминале од конфликти, војни судири, устави, осамостојувања, до интервјуа и  директни средби  и настапи во живо.

Сите имале пред себе од претседател до обичен смртник од Скопје, Вашингтон, Москва, Брисел и се в долж и попреку и назад, така што репортер е голема работа за сите нас, а „Рипортерс“ е само интернационализам за да се препознаваме и надвор од границите, бидејќи никој од нас не трпи граници, ѕидови и бариери. Такви сме си, се бунтуваме, ние сме за слобода!

Официјална промоција на деби-албумот ќе биде на 3 мај. Подоцна ќе следат неколку настапи низ градовите во Македонија и сите што сакаат, ќе можат да го купат цедето, а парите од влезниците и од продажбата на дискот влегуваат во солидарниот фонд на ССНМ. ССНМ веќе организираше две акции преку кои собираше средства за помош на новинари во неволја. Дотогаш имаме доволно време за избор  во Беоспорт. Посебно затоа што гардеробата која е дел од нивната понуда совршено се вклопува во имиџот на овие момци. Беоспорт во Македонија ги претставува брендовите Пепе Џинс, сурферскиот бренд  О Нил, како и  водечки светски производител на спортска опрема за игри со топка, Вилсон.

ФОКУС: Имаше најава дека ќе бидат реализирани концерти на бендот како промотивна и воедно продажна дружба на вашиот албум низ Македонија. Кои се местата каде ќе настапите?

ДРАГАН АНТОНОВСКИ: Да, ќе има свирки, засега 8 концерти се сигурни, планиравме соработка и со локални бендови, со локални музичари како гости, но имаме објективно проблем со нашите новинарски ангажмани и снимања како се тоа да го усогласиме, и со ништо друго. Добивме покани и од колеги од Белград и од други градови во регионот, кои ја слушнаа оваа, пред сѐ, наша хумана и солидарна мисија, но проблем се нашите приватни ангажмани. Го правиме планот некаде по изборите да ги почнеме свирките за да не се вплеткуваме во изборите.

Начелно мај и јуни до прва половина на јули, планираме да ги завршиме концертите. Датумите ќе ги средиме на следниот „колегиум“ или најверојатно на проба во четврток. Како градови Скопје, Битола, Штип, Охрид  се сигурни, потоа Тетово или Гостивар не е прецизирано, се преговараше за Куманово и Струмица, значи тука е главно. Планот  ни е  дента да има новинарски средби и разговори околу јакнење на солидарната синдикална идеја, да се научиме да си помагаме и да се поддржуваме меѓу себе, а вечерта се свирките на кои се поканети сите од градот, колеги и  тие кои сакаат да  се забавуваат, и  едновремено да бидат хумани.

Посетителите  ќе можат да го купат албумот, а парите од него и влезниците ќе одат во солидарниот фонд на ССНМ. Нашата мисија е да ја прикажеме таа страна, без да мериме кој е чиј, едноставно секој да почувствува дека никој не е сам ако собере сила да му помогне на другиот.

ФОКУС:  Димитриоски, истакнувате дека не се подготвувате за Евровизија. Но, зошто не пробате варијанта македонски фестивали, посебно кога наградите во последниов период станаа повеќе од предизвик? Сепак 20 илјади евра за прво место не се за потценување, а вас како солидарци, ви требаат пари.

ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ: Јас тоа не сум го истакнал никаде! Напротив, се сеќавам на еден колегиум кога Евровизија беше јасно поставена како цел на оваа група луѓе која да не беше музиката никогаш не би се нашла насамо во четири ѕида, а сега од тебе го слушам ова… Јас сум ужаснат и барам колегиум!

ФОКУС: Бошњаковски, вие од музиката влетавте во новинарството. Сега, по низа други измени кои се случија во вашата кариера, пак се враќате на музиката. Полесно се спремаат вести или концерт, посебно ако се знае дека и двата се реализираат во живо?

МИЛЕ БОШЊАКОВСКИ: Кога би направил еден краток осврт на мојата работна кариера би заклучил дека се што работам има заеднички именител – пишувањето како уметнички израз. Уште пред таа 1998 година кога станав новинар, јас пишував, дел музика, дел зборови.

Како новинар продолжив да пишувам, а тоа го правам и ден денеска. Така што јас мојот избор го имам направено одамна и пишувам што и да работам за да бидам успешен треба да пишувам – креативно се разбира. Помеѓу вести во живо и концерт во живо изборот би бил знак равенство и двете работи исполнуваат максимално во услови кога се направени со личен печат, храбро и до срж професионално.

ФОКУС: Столе, дали некој од музичарите се обиде да ви даде некаква поддршка или ве сметаат за некаква конкуренција која треба да се држи по страна во музичкиот свет?

СТОЈАН ТРПЧЕВСКИ:  Од музичкиот свет, барем со оној со кој јас комуницирам, се уште нема реакции. Се чека прво да се слушне албумот, па, потоа да се кажат импресиите. Инаку, да нема дилема – ние немаме намера да им го земаме лебот на музичарите така што и нема потреба да не сметаат за конкуренција. Јас сакам да споменам едно име што има голем печат во македонската забавна музика од кое од старт добивме голема поддршка и кое има голема заслуга за поставувањето на темелите на Рипортерс  – тоа е Игор Атанасовски – Харе, човекот со кој ги правевме првите проби и кој не придружуваше на првиот концерт. Големо благодарам за него. 5 Звезди со Скопје Сити Мол имаше можност да биде тимот кој прв ја доби шансата да го види и слушне комплетниот материјал на деби-албумот на „Рипортерс“, кој до публиката ќе стаса на официјалната промоција на 3 мај.

Поврзани новости