Режимите паѓаат кога ќе останат без пари

by Fokus

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Како што одминува ова глекаво секојдневие, кое северните соседи би го превеле како „гњецаво“ секојдневие, ми станува сè појасно дека ова време веќе не се јаде. Како глекав леб, нагнетените залаци од домашната политичка трпеза веќе не може да се проголтаат. Едноставно се заглавуваат во грлото и нè дават. И сета вода од оној фамозeн облак што се истури врз Македонија тешко ќе ги поттурне. Но и да ги истурка така непреџвакани во утробата, тие глекави залаци не ќе можат да се сварат и ќе тераат на повраќање.

И како што нè дал Господ да бидеме безобразно површни и маестрално убедителни во сопственото самозалажување, спасот го очекуваме во предвремените избори. А, тие ќе дојдат! УРА-БУРА, во еден ден, неделен! Гласање! Потоа свирежи на автомобилските сирени во доцните часови, изнакачени активисти со партиски знамиња по камиони, народ по улици, развеселен, малку поднапиен ако излезе дека денот е кочан зимски… Осветлени прозорци во сите куќи, сите курдисани пред телевизорите.

РАСПАЃАЊЕ НА РЕЖИМОТ

Оние поагилните активисти како спобудалени ќе се растрчаат по партиските штабови, да се препорачаат, да бидат поблиску до „лидерот“, да се качат на бината, да го допрат и, ако имаат среќа, да не завршат како оној трагичен лик, Мартин Нешковски, кој, гревот, ни крив ни должен со својата жртва докажа дека изборите кај нас, што би рекол Тачи, се КАСАПААНА.

Понекогаш ѝ се чудам на опозицијата (СДСМ со коалиционите партнери) како се нафаќа да влезе во битка со која евентуално би ги добила изборите. Како мисли да го води овој „крш“ од држава и да се надева дека нешто може да се среди, и тоа доволно брзо, пред да биде расчеречена на отворена сцена, и од новата опозиција и, што е уште пострашно, и од сопствените гласачи.

Иако, фасадно, политичката разврска во земјава се одвива бавно и претпазливо, како некои „меки револуции“ видени кај некои источноевропски земји, сепак, тоа не значи дека ефектите на крајот нема да ги добијат карактеристиките на класичните револуции. Младиот, надежен професор на универзитетот Темпл, Ноа Шустерман, во своето најново дело (2014 г.) „Француската револуција: вера, желба и политика“, длабински анализирајќи ги сите околности кои довеле до крвопролевање и распад на дотогашната држава, во еден пасус соголено и кратко објаснува што довело до таквото бурно распаѓање на режимот:

„Револуцијата не ја предизвикаа недостигот на граѓански права, прекумерната моќ на католичката црква или збрката во институциите. Еден од клучовите за да се разбере Француската револуција е дека споменатите причини имале само индиректна врска со падот на Режимот и развојот на Револуцијата. Стариот режим паднал поради најбаналната од сите можни причини: останал без пари!

И ајде да се запрашаме што ќе прави новата власт по изборите, а и старата ако опиња да остане на власт ‒ без пари? Што може да се стори при една таква банална ситуација како немањето пари, што е жива реалност за Македонија?

Но, да одиме по ред. Ако партиите успеат да го договорат терминот за избори, некаде во декември, тоа значи набргу ќе тргне и официјалната предизборна кампања, што во наши услови не претставува ништо, зашто ние повеќе од 10 години сме во некоја неофицијална, секојдневна предизборна кампања во која барјакот го води  власта. Опозицијата во меѓувреме нешто џавка од типот што би правела кога таа би била на власт, ама ништо од тоа не може да се чуе од силната врева што ја создава тенковската пропагандна машинерија на ВМРО-ДПМНЕ.

БАЈАЧКИТЕ И ЈАСНОВИТЦИТЕ

             Како и да е, некаква „кампања“ ќе има. На опозицијата ќе мора да ѝ се дозволи нешто да кажува и да им се претстави на граѓаните за да може да почне ловџиската „хајка“ во ловот на гласови. Ќе почнат симпатичните, измислени ловџиски приказни, кои се интересни и бенигни за забава на друштвото, но опасни, и тоа многу опасни, особено овој пат, за иднината на тешко болниот организам на државата.

Добро, сите избори партиите ги користат за да им се додворат на граѓаните на што поубедлив начин и да обезбедат што поголемо мнозинство во парламентот. Но, дури и во овие сериозни тешки времиња не очекувам ВМРО-ДПМНЕ да смени нешто во кампањата, преку која ќе си тера со лагите за кои и македонскиот граѓанин знае дека се лаги, ама ги прифаќа  како оној наш предок од времето турско: „Аго, знам оти ме лажиш, ама убоо ми иди!“

Е, сега, вака без пари тешко дека народецов и натаму оптимистички ќе си свирка и ќе си се теши: „Уф, изборите завршија! Молчете, прегрмевме!“ За жал, досега сè уште никој нема смелост јасно да го предупреди дека наскоро силни молњи и громови од сите страни безмилосно ќе го замаваат.

Што да се прави кога во Македонија се укинати речиси сите државни институции, кои сега партиски конспиративно функционираат, како, на пример, Управата за хидрометеоролошки работи, од која веќе не смее и не може да се очекува да го види и да го најави силното невреме што доаѓа. Бајачките и јасновитците побожно молчат и гледаат како ќе навасаат да им „помогнат“ на илјадниците унесреќени луѓе кои спасот ќе го бараат кај нив.

А опозицијата, по цена да не добие на овие избори, мора најпрвин јасно да му соопшти на овој народ дека: пари нема! Зошто, како и кој ги спискал ќе си се покаже. Со тоа воопшто не треба да се занимава! Да го имитира ВМРО-ДПМНЕ и да му парира во лажењето колку да ги добие изборите, со прикаски од типот „по еден вработен во секое семејство“, би било погубно.

Опозицијата не смее да се даде да ја поведе предизборната атмосфера ‒ море, ај, ние да ветиме, па после ќе му ја мислиме од каде пари за покачување на просечната плата, за земјоделците, здравството, образованието… и други лажачки, кои овојпат добро би било да ги нема. Зашто тие ќе ги треснат по глава уште по првите 100 дена од новата влада. Чесно е уште сега да му се каже на овој народ дека ќе има голем, голем зорт; дека онаа армија од неспособна администрација, кога опозицијата ќе дојде на власт, ќе биде преполовена, и тоа не по партиски или социјален клуч туку по способност и ефикасност.

Чесно е да се собере сила да им се каже и на пензионерите, омилените гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, дека пензиите ќе мора малку да мируваат за сметка на платите кај младите и дека ќе се сменат изместените налудничави појави каде што пензионерите се фалат дека ги гледаат и децата и внуците. Срамота, грдо, нелично и неодржливо…

Опозицијата треба за многу работи чесно и отворено да им се обрати  на гласачите и да им помогне да сфатат во каква каша сме. Се разбира, ако има разбирачка, ако тоа допре до нив. Ако не, тогаш што ќе им е власта? За да ги плукаат и по некој месец да се откажат од нив преку масовни демонстрации, штрајкови и насилство! Нека си го остават тогаш ВМРО-ДПМНЕ да си остане, да си го искрка бесот на народот и да се доискине. Па, кога ќе помине тој погром,  сите во акција за „обнова, електрификација и индустријализација на земјата“, како по војната!

Поврзани новости