Ревизија: Половина од општините немаат функционални е-услуги

by Fokus

Квалитетот на услуги кои ги обезбедуваат единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) на веб-порталите не обезбедува ефективна и брза услуга за граѓаните, ниту пак еднаков третман, пристап и достапност за секој граѓанин и правно лице.

Ова го утврдил Државниот завод за ревизија во конечниот ревизорски извештај за квалитетот на постојните услугите кои ги даваат ЕЛС преку своите веб-портали за периодот 2016/2020 година, а ревизијата е спроведена во 2019 и 2020 година.

-Достапноста на е-услугите преку интернет со примена на стандардите за веб-пристапност на е‐услугите се уште не е на задоволително ниво. Движењето низ веб-порталите и обезбедувањето е-услуги, како и достапноста до информациите, упатствата и формуларите за одредена услуга не се унифицирани за сите ЕЛС, а проблематично е и пребарувањето на веб-содржините, констатираат ревизорите.

Со ревизијата се опфатени сите единици на локална самоуправа и градот Скопје, како и Министерството за локална самоуправа и Министерството за информатичко општество.

За прибирање податоци за квалитетот на услугите кои ЕЛС ги обезбедува преку своите веб портали, ДЗР доставил прашалник до сите овие институции, а одговори добил од 77 ЕЛС, но не и од Арачиново, Сарај, Студеничани и Кичево.

Ревизорите утврдиле дека 38 ЕЛС (49,3 отсто) немаат наведено на своите веб- портали информации за услугите што им ги обезбедуваат на граѓаните и правните лица, две ЕЛС (2,6 отсто) имаат недостапни веб-портали, 36 ЕЛС (46,8 отсто) немаат објавени формулари за услугите кои ги обезбедуваат, 39 ЕЛС (50,6 оттсо) немаат објавено информации кои се однесуваат на административните такси за услугите, 23 ЕЛС (29,8 отсто) на своите веб-портали немаат воспоставена можност за електронско пријавување проблем при обезбедувањето на јавните услуги.

Стратегија за локален економски развој немаат изготвено 35 ЕЛС (45,4 отсто), а дури 71 ЕЛС (92,2 отсто) немаат изготвено Стратегија за развој на информацискиот систем и употреба на информатичката технологија. Стратегијата за локален економски развој на својот веб-портал, пак, не ја објавиле 54 ЕЛС (70,1).

Во најголемиот дел од општините, ревизорите констатирале недоволни човечки и материјални ресурси, потребни за воспоставување е-услуги, како и непостоење анализа и утврдени минимални потребни ресурси неопходни за непречено обезбедување квалитетни услуги преку веб-порталите на ЕЛС.

Кај најголемиот дел од општините е детектирано нефункционално решение за следење на состојбата на давање услуги од субјектите кои вршат јавни услуги, како и отсуство на редовно следење на квалитетот на јавните услуги на локално ниво. Истовремено, дел од општините немаат обезбедено безбедносен HTTPS протокол запристап до веб-порталите, со кој би се овозможила безбедна размена на електронски пораки и податоци.

Ревизорите во извештајот препорачуваат дека е неопходно надлежните институции да преземат активности и конкретни мерки во функција на подобрување и унапредување на квалитетот на услугите кои ги даваат ЕЛС преку своите веб-портали, како и зголемување на бројот на е-услуги.

 

Поврзани новости