Република во пламен

by Fokus

Освен чекање и барање помош од други, одговорните немаат што да понудат, а единственото нешто што можат да кажат е дека побарале помош од словенечкиот колега, бугарскиот, српскиот, од колега кој бил кадарен и совесен да го набави она што треба да се има.

Звонко ДАВИДОВИЌ

Македонија гори, гори воздухот од секојдневните 40 степени, гори асфалтот кој се топи под нозете, гори бетонот кој ги замени дрвјата и тревата кои градоначалниците ги исекоа за да засадат згради, кинески ѕидови налик на голубарници. Горат тротоарите и клупите на сахарското сонце, сенка ни за лек, ја однесоа оние кои се однесуваа како дрвосечачи и пустошници.

Се гордеат со бекатонот и бетонот, се гордеат и фалат со асфалтиран сокак, се гордеат со уништен парк на чие место е сега едно големо избетонирано ништо. Не дува веќе во градов ветерот од Водно, го запреа таму некаде кај Капиштец со ѕидот од згради, го гушат полека и Вардарецот со зградите покрај Вардар каде што никогаш ги немало.

ПАРАДА НА „ГОЛЕМИТЕ“

Горат шумите, беснее огнената стихија, а луѓето немоќно се молат да запре и да не го уништи она што сиот живот го создавале, печалеле. Парадираат ” големите” и освен по некоја фотка и загрижено лице немаат што да понудат, освен можеби срам кој го немаат во себе за ништо никогаш.

Tреба да се засрамат затоа што постојано се некадарни да го предвидат предвидливото и да обезбедат решение. Би требало да се засрамат заради хеликоптерите кои летаат само за нив, а не и за повредениот старец од планината, затоа што хеликоптерите не летаат ноќе без опрема која тие не ја набавиле. Треба да се засрамат заради стотици хектари уништени шуми во изминативе години кои не ги натераа да набават канадери, пожарникарски возила наместо мерцедеси и пасати со ротации.

ПОМОШ ОД ДРУГИТЕ

Освен чекање и барање помош од други, одговорните немаат што да понудат, а единственото нешто што можат да кажат е дека побарале помош од словенечкиот колега, бугарскиот, српскиот, од колега кој бил кадарен и совесен да го набави она што треба да се има.

Не е власта парадирање и сликање, не е власта ротација и полициска придружба, не е власта само право и привилегија, власта е пред се одговорност за состојбите и случувањата, тоа е одговорност за секој граѓанин и неговиот имот, за неговото здравје и благосостојба, мир и спокој, тоа е обврска да си сервис на граѓаните, а не обратно.

Парадираат различни ликови сиве овие години, ни бројот веќе не им се знае, сите налик еден на друг и по ликот и по делата, полека ги снемува шумите и дрвјата, зеленилото станува бетон, а граѓаните остануваат заборавени се до некој нови избори.

Поврзани новости