Република на возрасни граѓани Македонија

by Fokus
Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Веста што вчера ја соопшти премиерот Зоран Заев, дека е дојдено до решение кое би било прифатливо за двете страни, го прави навистина 17 мај 2018 голем ден за земјава.

Самата реченица дека е дојдено до решение, проследена со ракување на Заев и грчкиот премиер Ципрас е моќна порака која навестува позитивен исход од деценискиот спор.

Името Република Илинденска Македонија на оваа слика, барем според мене, се надоврзува како бонус, бидејќи се работи за достоинствен компромисен предлог со историска одредница и вграден идентитет на македонскиот народ. Но пред да се дебатира околу самото ново име на земјата, би сакала да укажам од нужноста од рационална дебата иако се работи за емотивно прашање.

Во светот на децата, кога детето вели не ја давам играчката и вреска, родителот му објаснува дека делењето е еден од условите за социјална интеракција и стекнување другарчиња. Не правиш компромис, ќе останеш сам со своите играчки. Во светот на возрасните, пораснатото дете сосема разумно разбира дека влегувањето во брак или партнерски однос е доброволно, но подразбира многу компромиси во однос на дотогаш личните преференци, кон заеднички.

Слично е и со светот на возрасните во делот на професионалните обврски. Не ти се допаѓа целиот комплет во професионалната средина, но за повисока цел (плата, кариера или слични лични цели), рационалното однесување ги надвладува емоциите.

Овие, можеби премногу поедноставени примери ги посочувам за да тргнеме во дебата околу спорот со името на прилично рационален начин, иако не ја негирам силната емотивна компонента во проблемот.

Децата на проблемите реагираат така што им вртат грб и се прават дека не постојат. Но ако на пример, возрасниот “сврти грб” на долговите на кредитната картичка, следниот месец проблемот нема да исчезне, туку ќе се зголеми. И нема да има волшебно стапче што ќе го реши. Оттука, на сите кои велат дека “името не го даваме”, без името сме ништо и Грците се лоши, им нудам краток курс за влез во светот на возрасните.

Секој има право на избор. Компромисите се дел од рационалното однесување на поединецот во светот на возрасните, кој притоа се води исто така од интернализираните вредности кои ги поседува.

Ако на пример, вашите интернализирани вредности се зголемување на степенот на почитување на човековите права (вклучително право на квалитетен живот кое поздразбира подобро образование, здравство, инфраструктура и сл) тогаш со хуманите вредности како кредо и со чесен мотив да се влезе во светот на развиените земји, сосема е логично и оправдано да се влезе во процес на решавање на проблемот со името.

И овде повторно:Секој има право на избор. Компромисите се дел од рационалното однесување на поединецот во светот на возрасните, кој притоа се води исто така од интернализираните вредности кои ги поседува. На секој детски простест на возрасните луѓе, дека банките се крвопии и дерат со камати, одговорот е точно, имаш избор, заштеди и не барај кредит. Се разбира, изборот не исклучува да се бориш како клиент за поразумно однесување на банките (борба за вредностите), но да имаш при тоа рационално решение како ќе го водиш сопствениот живот во однос на финансиите.

На секој детски крик дека капитализмот е тортура и платите се мизерни, одговорот е точно, ако тоа не сакаш да го трпиш, имаш избор да се обидеш можеби со живот на село и производство на храна за свои потреби. Тоа не ја исклучува борбата за работничките права и за солидарноста и еднаквоста како вредност, но изборот е да бидеш дел од капиталистичкиот свет како работник кој прави компромис или да водиш битка надвор од тој систем.

Оттука, “тврдокорниот” пискот дека “името не го даваме, Европа не ни треба” бара рационално решение како ќе се живее надвор од ЕУ. Или поконкретно, тоа не оди со барање на истиот човек да се лечи во квалитетна болница, со европски услуги, праведно судство без корупција, училиште кое води сметка за развој, а не расадник на партиски послушници . Затоа што во светот на возрасните, пардон, на развиените земји, граѓанските права се на пиедестал, пациентот е згрижен во хумани услови, образованието воспитува и едуцира. Овде не сакам воопшто да идеализирам дека во овие земји нема проблеми или корупција и криминал, туку само го потенцирам позитивниот цивилизациски напредок на многу поголема усовршеност на контролните и законски механизми кои несоодветното, неодговорносто и криминално однесување на властите го ограничуваат, односно темната страна на човековата природа е прилично скротена и со скастрени крилца. Ако ние тежнееме кон таков начин на живот и стандарди, тогаш да се договориме дека проблемот со името стои на тој пат, а проблем без компромис не се решава. Во светот на возрасните, земјите кои имаат проблем, седнуваат, преговараат и го решаваат.

Околу најновиот предлог, мене дури ми е страв да се израдувам затоа што решение подразбира двете страни да го прифатат и ратификуваат, а сега тоа ми се чини дури и премногу…иако многу посакувано решение.

Исто така, може само да претпоставуваме, а не знаеме колку се силни штетните по нас сили на руското влијание кое не посакува интеграција на Македонија со развиениот свет.

Но, ако навистина проблемот со името се реши со достоинствен компромис и се отвори патот на Македонија кон евроатлантските интеграции, Заев и Никола Димитров ќе заслужат високо место на светлите страници на македонската историја, луѓе кои не се воделе од ситно персоналните интереси дали ќе бидат прогласени за патриоти или предавници, туку луѓе кои имале чесна и висока цел пред себе, да не внесат во светот на развиените земји. Бугарија не го заслужи членството, но беше внесена во европското семејство со политичка одлука. Тоа многу и помогна да се справи со криминалот, корупцијата и да го подигне животниот стандард на населението. Самиот пат кон прием, подразбира посилен мониторинг одошто да си веќе членка (гледаме колку ЕУ е понемоќна кон национализмот и автократијата во Унгарија и Полска на пример) што нам како земја каде Амди бајрам е се уште фактор, ни е насушно потребен.

 

Поврзани новости