(РЕПОРТАЖА) Село Тисовица: Планински спокој покрај Кадина Река

by Fokus

На 40-тина километри оддалечено од Скопје, на падините на Китка се наоѓа живописното село Тисовица, во Општина Зелениково. Сместено во планинско ридски предел, тоа е место каде можете да го најдете својот душевен спокој и потреба за одмор од градската средина.

Тисовица е на надморска височина од 700 до 900 метри и во неговиот атар доминираат шумите кои се вистинско воздушно освежување и зелените пасишта.

Покрај селото тече Кадина река, која извира од месноста Јуручка Карпа на надморска височина од 2100 метри на источната страна на масивот на Мокра Планина.

Куќите во селото се изградени од камен, а голем дел од нив се напуштени и повеќето почнуваат да се распаѓаат со текот на времето. Во минатото ова село броело и над 300 жители, но со иселувањето, во Тисовица останале уште само неколкумина жители, а според пописот во 2002 година имало 53 жители.

Во селото постои џамија која е изградена во далечната 1932 година, а имало и црква „Св. Никола“ за која не се знае точната локација.

„Во селото останати се само две куќи во кои живеат луѓе. Другите сите се напуштени, повеќето жители се иселени во Скопје. Ние имаме тука викендица и во слободното време доаѓаме. Сега бегаме и од корона вирусот на чист воздух“, ни порача скопско семејство при доаѓањето во Тисовица.

Порано, мештаните на ова место се занимавале со одгледување жито, но и чување добиток – најмногу биле застапени овци, а после тоа говеда и животни за товар. На зелените површини денес над селото можат да се забележат стада овци, чувани од неколку кучиња и крави на широките ливади, користејќи го поволното време пред овој предел да биде покриен со снег.

Туризмот во ова место не е толку развиен, пред се, поради сложената пристапност и нерамниот планински терен . До Тисовица се стигнува преку две рути – Скопје – Драчево – Зелениково и по земјен широк пат се доаѓа до селото, или пак преку Петровец и Таор.

Ова село години наназад е атрактивно за љубителите на планинскиот велосипедизам, поради нерамните предели кои го зголемуваат адреналинот кај авантуристите.

Текст и фото – Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости