Реорганизација на државната управа

by fokus

На денешната седница на Советот за реформа на јавната администрација, со која претседаваше премиерот Зоран Заев, беа презентирани предлозите, наодите и препораките од Проектот „Поддршка на државната реорганизација“.

Како што истакна премиерот, реорганизацијата на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби е еден од клучните реформски приоритети за подобрување на ефикасноста и сервисната ориентација на јавната администрација.

За таа цел, соопштија од Владата, била одржана и тематска седница на која детално се дискутирал првиот предлог Интегриран извештај за идната организациска поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво.

„Врз основа на вашата активна партиципација од минатата недела и предлозите кои тогаш, а и дополнително ги споделивте со министерот за информатичко општество и администрација, од страна на проектниот тим направена е Презентација на предлогот, наодите и препораките за идната структура на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво“, информираше премиерот Заев.

Инаку, предлогот за идната структура на јавната администрација го презентираше експертот на проектот, Александар Антоновс, кој, според владиното соопштение, се осврнал на инклузивноста на процесот во кој се вклучени сите засегнати страни и сите министерства.

Поврзани новости