Ременски во Обвинителство врши увид во доказите за „Меѓународен сојуз“

by fokus

Пратеничката Фросина Ременски дојде во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да изврши увид во доказите кои ги собрало Обвинителството во истрагата за невладината органзација „Меѓународен сојуз“, чиј почесен претседател беше токму Ременски.

„Осомничената си го остварува правото за увид во доказите што обвинителството ги обезбеди во рамките на истражната постапка против неа, четири други физички лица и едно правно лице, за да може да се подготви за давање исказ. Истрагата не е завршена“, велат за Фокус од Обвинителството.

Во Обвинителството денеска наместо првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, кој беше претседател на „Меѓународниот сојуз“, увид извршил неговиот адвокат Сашо Дуковски. Поканет да направи увид на доказниот материјал од страна на Обвинителството е и Миле Јовановски, таткото на Боки 13, а вчера тоа го направиле потпретседателка на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ и Христина Блажевска, асистентка на Јовановски.

Овој дел на истрагата се однесува на измамите со изградбата на старски домови, за кои бизнисмени како Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски наседнале и инвестирале првиот околу 700 илјади евра, Амзоски околу 200 илјади евра, а биле рекетирани и други, како Зоран Азманов и други.

-Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација, соопштија од Обвинителството.

Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

Поврзани новости