Ременски: Јанкуловска несериозно се однесува кон наводите за нелегално производство на пасоши!

by Фокус

Јавното обвинителство е должно да спроведе истрага за аферата што ја објави Фокус поврзана со алтернативна фабрика за изработка на пасоши, а Министерството за внатрешни работи мора да се воздржи од партиски притисоци врз институциите задолжени за спроведување на истрагата, порача Фросина Ременска, потпретседателка на опозицискиот СДСМ.

– Изработката и персонализацијата на патните исправи е исклучиво во надлежност на МВР и треба да се врши исклучиво во службени простории под соодветни процедури. МВР би требало да биде единствената институција којашто има опрема за читање биометриска документација, преку отисок на прст. Само МВР и може да открие можна злоупотреба на патни исправи. Оттаму Јавното обвинителство е должно, по службена должност, да отвори истрага за да испита дали во Македонија се изработуваат патни исправи и во домашни услови и дали и кој е вмешан во скандалот – смета Ременски.

Таа додава дека министерката Гордана Јанкулоска се поставува непрофесионално кон сериозни наводи за нелегална изработка на патни исправи.

– Веќе се откриени вработени во Одделот за граѓански работи на МВР кои фалсификувале лични карти и пасоши – внесувале податоци на иселени лица од Македонија, отисоци од прст и фотографии на лицата кои ги купиле пасоши. Јавноста добро знае дека патните исправи служат и за идентификација на територијата на Македонија, вклучително и за време на изборен процес. Сето ова упатува на можна вмешаност на поединци или уште пострашно на државниот систем во сомнителниот случај што го обелодени медиумот – истакнува потпретседателката на СДСМ.

Поврзани новости