Ременски: Дали Мијалков го користел дипломатскиот статус за да патува без претрес?

by Фокус

ФОКУС: Дали Сашо Мијалков смеел да го носи пиштолот надвор од дома, а уште повеќе преку граница?

РЕМЕНСКИ: Законот за поседување оружје прецизно го уредуа ова прашање. Се предвидува само поседување, но не и носење оружје.  Стариот закон го уредуваше и носењето на приватното оружје, но новиот, исклучиво поседувањето. Затоа за поранешниот функционер, сега во улога на физичко лице, важат ваквите законски обврски, како и за останатите граѓани. Но во случајов, очигледно не е така. Да напоменам дека дозволата за оружје издадена од МВР важи само на територија на Македонија и не се однесува на други држави. На крајот, поранешниот функционер немал право ниту да го носи пиштолот, ниту да го изнесува на начин како што е утврдено од српската полиција.

ФОКУС: Кога тој самиот не го пријавил, тогаш сигурно полицијата морала да му го открие и да го заведе тоа? 

РЕМЕНСКИ: Клучното прашање во овој случај е зошто граничната полиција на аеродоромот не ги извршила основните проверки кои важат за сите лица што немаат дипломатски статус и за кои е предвиден брз транзит низ царинската и полициската контрола. По оставката на функционерот, тој ги нема истите права и привилегии од статусот, така што несфатливо е полициското непостапување во овој и сите претходни случаи.

ФОКУС: И сега кој е одговорен?

РЕМЕНСКИ: Секторот за внатрешна конрола и професионални стандарди мора да отвори истрага за полициското непостапување кон поранешниот функционер но и за претходното барање на МВР до МНР за издавање на дипломатски пасош. Исто така, Секторот треба да обезбеди податок од српската полиција за видот, серискиот број, за да може да утврди дали оружјето е сопственост на поранешниот функционер или на МВР. Случајот ги потврдува сомневањата дека дипломатјкиот статус на поранешниот функционер му бил потребен за привилегиран и неконтролиран излез и влез во РМ, но и во други земји.

ФОКУС: А не постои одговорност кај српската полиција за брзото ослободување?

РЕМЕНСКИ: Според досегашните информации, пред се медиумски, српската полиција постапила професионално во случајот со негово задржување поради пронајденото оружје, му го одзела оружјето и сега, очекувано би било да следува кривична пријава. Овој случај ја враќа во фокус апсурдноста на случајот со службениот пиштол на Верушевски за кој во контроверзна судска постапка беше осуден на тригодишна затворска казна.

Поврзани новости