Реквизити за подмачкан и безбеден секс за неготинци или мајтап за локалната власт?

by Фокус

Повелете на тридневна забава по повод 14-ти февруари во Неготино, на предлог на претседателот на Советот Диме Витанов на граѓаните ќе им се делат бесплатни кондоми, средства за подмачкување, како и средства за лична хигиена, со цел да се подигне свеста на граѓаните во однос на сексуалната превенција – во кратки црти, така е наведено во соопштението кое што деновиве масовно се споделува на социјалните мрежи.

На соопштението стои општинскиот печат и потпис кој наводно е на Витанов. Во соопштението, коешто на прво читање звучи како голем мајтап, наведено е и дека ќе има наградна игра, односно извлекување на двајца среќници на 12-ти февруар, кои ќе имаат можност да го поминат празникот Свети Валентин во Париз, Франција.

И покрај тоа што соопштението не е објавено на официјалната страница на Општина Неготино, нема датум, туку само пишува дека е издадено во месец февруар, сепак, многумина го сфатија буквално, здраво за готово, па започна лавина од коментари и критики на сметка на локалната власт во Неготино. Дури, во неколку медиуми се објави веста дека во Неготино за Свети Трифун, односно Свети Валентин, покрај забавата со Елена Велевска, Миле Кузмановски и повеќе фолклорни друштва и ансамбли, на плоштадот ќе се нудат бесплатни кондоми, лубриканти, средства за лична хигиена, но и бесплатна храна и вино, како што впрочем и пишува во документот.

„Фокус“ стапи во контакт со претседателот Витанов, кој е наведен во соопштението како иницијатор на новитетот со реквизитите за безбеден и подмачкан секс, со цел да се разреши дилемата дали навистина станува збор за некој вид на кампања или пак се работи за злоупотреба на неговото име и фалсификат на неговиот потпис и општинскиот печат.

-Не коментирам сега, но во понеделник ќе дадам официјална изјава – кратко порача тој. Но, додека стигне официјалната изјава, веста за наводната кампања за безбеден секс во Неготино веќе се прошири низ целата земја, а според реакциите на граѓаните, голем дел од нив се цврсто убедени дека не се работи за мајтап, туку навистина ќе добијат бесплатни кондоми и лубриканти, како и ручек и вино во Неготино на градскиот плоштад.

Кога пред неколку дена општината ја објави забавната програма по повод празникот Свети Трифун, од граѓанското здружение „Ековита“ порачаа дека доколку Советот не одреди датум за референдум против депонијата до 13-ти февруари, кога е краен рок, наместо на прослава, ќе ги повика граѓаните на протест пред општинската зграда.

Од друга страна пак, градоначалникот Тони Делков издаде соопштение со кое ги информира жителите на околните села дека е обезбеден бесплатен превоз за време на забавата на 14-ти до Неготино. Остануваат прашањата дали во Неготино ќе се пее или ќе се протестира, а во понеделник по официјалната изјава на Витанов ќе се знае и дали предвреме некои граѓани негодуваа или се израдуваа на наводно бесплатните кондоми, лубриканти и средства за хигиена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости