Реформите во образованието продолжуваат „И децата од предучилишна возраст ќе полагаат за екстерно!“

by lali

Иако, овие денови на тапет е Министерството за образование и предлогот за ектерно тестирање на универзитетите, сепак тие продолжуваат со своите зацртани мерки за квалитетно образование. Од нивна страна е предложена нова реформа, една од низата во која повторно е вклучено екстерното тестирање. Овојпат низ тестирањето треба да поминат сите деца што ќе одат во градинка и во забавиште. Ова се должи на сомнежот дека многу од децата добивале петки пишани на рацете иако не ги заслужувле.

„Не може секое едно дете што ќе каже песничка, што ќе нацрта цртеж или што ќе направи колаж да добие петка на раката. Не може родителите, бабите и дедовците, па дури и тетките кога сакаат да им напишат петки на рацете од децата. Да бидеме реални, некои од децата не цртаат или не рецитираат за петка и затоа треба да им се напише четворка, тројка, па дури и единица. Сепак, тие оцени треба да се заслужат, а нашата идеја е тоа да биде уште од раната возраст. Само така ќе може да направме генерации кои преку понатамошни филтри, како што се екстерното тестирање во основните и во средните училишта ќе вредат да ги задржиме во државата или без проблем да ги пуштиме да заминат во странство. Исто така, со оваа мерка ќе ги навикнеме децата уште од мали години да ги прифаќаат реформите без да се побунат за истите. Ова е почеток на создавање нова генерација од лојални граѓани.“ – изјави министерот на денешната пресконференција.

За разлика од одлуката за екстерно на универзитетите, оваа одлука не наиде на негодување на таргетираната група и нема никакви најави за протест на истата.

 

 

Напомена: Веста е измислена и сатирична, сѐ додека не се оствари и стане реална.