РЕФОРМАТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ПОГРЕШЕН ПРАВЕЦ

by fokus

Најпрвин треба да се реформираат наставниците – Финска ги има најдобрите училишта во светот зад кои стојат најдобрите наставници

Хасан ЈАШАРИ

Македонското образование од 1990 година, па наваму, континуирано се реформира, но училиштата како да остануваат исти, а успехот на учениците  е слаб. PISA (Programe for International Student Assessment) – меѓународна студија, која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште, укажува на слаб резултат. Тоа се гледа во однос на  оспособеноста за читање со разбирање – и критички пристап во читањето пишани материјали; математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање даден проблем, писменост во природните науки – препознавање научни прашања.

Македонија е на дното во друштво на Тајланд 393, 419, 426 Република Северна Македонија 393, 394, 413 Баку (Азербејџан) 389, 420, 398 Казахстан 387, 423, 397. Од поранешните југословенски федерални единици, Македонија е претпоследна, пред Косово.

Во Македонија веќе 30 години се живее и се прават реформи во образованието. Најпрвин, во раните 90-ти години, во првите години на плуралното општество, популарна беше дезидеологизацијата на наставните предмети и содржини, потоа внесувањето на приватниот сектор во образованието како агенс на квалитетот, средното образование како задолжително, потоа реформите во високото образование со внесување на акредитацијата, евалуацијата, кредитниот систем, еквиваленцијата на дипломите и др. Токму во основното образование како најмасовно се направени бројни реформи како интегрирана настава, Кембриџ системот и др. Но, мислам дека грешката е направена од почеток сè до денешен ден во чекори. Имено не можат да се реформираат училиштата без да се реформираат наставниците.

ДОБРИ НАСТАВНИЦИ ЗА ДОБРИ УЧИЛИШТА

Добрите училишта ги прават добрите наставници. Наставниците се директни иницијатори на успехот. Ние може да направиме навидум идеални реформи, но резултатите секогаш ќе недостасуваат, како и досега, кога  постојано  сме менувале сè и сешто, а училиштата остануваат исти, непроменети. Тоа е од тоа што наставниците кои непосредно им предаваат на учениците, не се развиваат во текот на нивната кариера. Од нив никој не бара квалитет, не бара добри перформанси. Нема евалуација, и ако тоа постои, тоа е само фарса. Имено, формално тоа е регулирано, но во општествената пракса не постои или е бледа.

Сегашната пандемија укажува на фактот дека голем број наставници не се снајдоа во онлајн-наставата – дел од нив немаат компјутери, дел од нив не се служат со современата технологија, дел од нив имаат слаби знаења, дури дел од нив се универзитетски професори, кои не користат  имејл. Прашањето што ни се наметнува е – дали учениците и студентите стојат подобро со познавање на современите комуникациски технологии во споредба со своите наставници? Одговорот секако е потврден. Тогаш се поставува следното прашање што можат да научат младите од такви кадри? Каква мотивација и лидерство од таквите наставници и директори им се нуди на учениците? Дали тие можат да организираат креативна настава, критичко размислување? Дали учениците можат да се идентификуваат со нив како успешни граѓани на општеството, како лидери на наставата?

ПРОМЕНА НА ОПШТЕСТВЕНАТА ПОЛОЖБА НА НАСТАВНИКОТ

За да се реформира образованието во Македонија, првата работа што треба да се иницира е да се подобри општествената положба нa наставниците и училиштата. Платите, кои сега се движат околу 400 евра во основното образование и 450 евра во средното, треба да се зголемат  двојно. Оттука, треба да се бара квалитетна работа и целосна посветеност  од нив. Тие ќе мора да се развиваат во својата професија, да подлегнат на  континуиран процес на внатрешна и надворешна евалуација и на постојан процес на стручно усовршување од 5-7 обуки во текот на секоја учебна година.

Обуките ќе овозможат да заживее една филозофија на американското образование, која се вика „Острење на пилата“ – која произлегува од случката кога двајца дрвосечачи работеле со пили и на пладне едниот од нив предложил да ги острат пилите за да бидат поуспешни на работа. Другиот се противел, бидејќи не сакал да губи време. Прашањето е кој сечел повеќе дрва? Секако, се знае одговорот. Тоа денеска се вика полнење батерии.

Секој наставник треба да помине низ процес на обука континуирано, да го освежува своето знаење, вештини и начин на комуникација со ученици, кои денес не учат само на училиште, како порано, туку повеќе надвор од неа. Воедно, треба и да се инвестира во образовните институции. Училишната инфраструктура е сиромашна, а училиштата здодевни, бидејќи секоја година учениците ги гледаат истите бои, истата надворешна средина, истите наставни содржини, кои се здодевни и неинвентивни…

Значи многу треба да се инвестира во развојот на човековиот капитал – директорите и наставниците. Согласно индексот за човечки капитал на Светска банка, нашата земја има резултат од 0,53 отсто, односно помалку во однос на земјите во регионот за 2020 година. Индексот на човечки капитал покажува дека секој млад човек, кој се раѓа, живее и се едуцира во нашата земја, има услови да испорача само 53 отсто од својот потенцијал, односно од целосниот потенцијал што го има еден млад човек што се развива во здрава средина со квалитетно образование и услови за живот. Дали можеме ние, јасно кажано, со пола сила од само 53 проценти од потенцијалот да имаме успешна реформа, кога во финското  училиште сè е бесплатно, вклучително и книги, торби и превоз… Државата инвестира повеќе од 12 отсто од нивниот вкупен буџет во образованието. Ова за нас е далечна релација.

ФИНСКИТЕ УЧИЛИШТА СО САУНИ И МЕСТО ВО КОЕ УЧЕНИЦИТЕ УЖИВААТ

Ние, секако, не треба да бараме и да очекуваме фински наставнци, плати и училишта со базен и сауни.

Според студиите, учениците од Финска се едни од најдобрите во светот затоа што поминуваат многу помалку време на училиште, отколку во другите земји, а максимално 30 минути работат на домашни задачи.

На секој студент му се нуди индивидуална помош. Ако ученикот не разбира лекција, наставникот ќе земе посебни часови со него за да објасни. Исто така, ако лекцијата не му се чини интересна на детето, тие можат да прават други активности. Кој од наште наставници дополнително работи се некој ученик? Би сакал да знам.

Во некои училишта, учениците воопшто немаат предмети. Значи, тие учат различни работи од различни гледишта, на пример, ако учат за имиграцијата, ќе научат географски – од каде потекнувале, историски – што се случило пред да дојдат и културната страна – традициите што ги имаат.

Наставниците сами одлучуваат кои книги да ги користат, што да објаснат итн. Просечната плата на наставниците е 3.500 евра месечно, а конкуренцијата за работно место како наставник е 1 на 20.

Студентите учат работи што ќе им требаат до крајот на животот. На часови по пливање учат како да спасат давеници, во домашно образование учат како да готват и шијат, учат како да создаваат веб-страници итн. Тие веруваат дека не е потребно да се знаат работите наизуст, сè додека имаме интернет.

Сите училишта се подеднакво добри. Нема „елитни“ или „најдобри“ училишта. Сите тие користат ист систем, така што сите се на исто ниво на школување.

Тие се забавуваат ноќе на училиште. Честопати учениците одат на училиште со наставниците и ја поминуваат ноќта таму, играјќи игри, гледајќи филмови.

ЗАГЛАВЕНИ УЧИЛИШТА ВО МИНАТОТО

Училиштата кај нас се заглавени во минатото. Директори што работат за градоначалникот во време на избори и се спријателуваат со нив, а не за работа, наставници што се спријателуваат со директори, ректори, декани, исто така, не за работа. Нема одредби во законите за спречување на влијанието на политиката во вработувањата и именувањата на директорите во училиштата.

Македонското училиште е заглавено, и тоа не се развива, не расте, тоа не е креативно, ни забавно, ни интересно за општество што се менува брзо. За жал, тоа ќе остане исто, и покрај оваа реформа на министерката Царовска. Тоа може да се види од подолниот нејзин став, кој не се разликува од минатите реформи.

„Но, инвестирањето во објекти само по себе не е доволно, ако не е проследено со суштински реформи во самиот образовен систем. Интензивно работиме на реформи во основното и во средното. Развиваме целосно нов концепт на наставни програми и наставни материјали. Го напуштаме традиционалниот начин на фактографско учење и преминуваме на образование, кое создава граѓани што размислуваат критички и логички и носат заклучоци врз основа на факти, докази и анализи“, рече Царовска.

Значи дисфункцијата е тука, што се пропагираат нови предмети и наставни содржини, а прашањето е кој ќе им ги пренесе на учениците овие новини – наставниците, кои, за жал, се со ниски плати, со послабо знаење на информатиката и на странските јазици од своите ученици, не е проблем. Токму тука лежи проблемот.

(Авторот е универзитетски професор)

Поврзани новости