Реџепи: Касами и Хоџа беа лажно загрижени за мене, како преку ноќ решија да сменат страна?

Имав информации за разговори со ВМРО околу Тетово, но не и комплетни информации како се договори поддршката, дали имаше некој услов Беса по секоја цена да не биде дел од мнозинството на СДСМ, вели пратеникот Кастриот Реџепи во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Поранешниот потпретседател на Беса Кастриот Реџепи, кој беше исклучен од партијата откако пред точно една година отсуствуваше од собраниската седница за изгласување на недоверба на владата на СДСМ и ДУИ, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели нема комуникација со раководството на поранешната партија.

-По големата загриженост дека сум бил киднапиран и држен некаде, очекував потоа да имам средба. Им напишав на Биљал Касами и на Аријанит Хоџа и побарав да се видиме. Немаше одговор, што покажува дека нивната загриженост за мојата безбедност била лажна. Јас бев исклучен преку социјалните мрежи. За разлика од ДУИ и другите партии, во Беса немаше спремност да се дебатира, за да го кажам мојот став зошто вака постапив. Но, комуникација имам со голем дел членови и функционери. И со еден колега од пратениците имаме човечка нормална комуникација – вели Реџепи.

Тој ги отфрла обвинувањата од опозицијата дека бил киднапиран и купен за да не гласа за уривање на Владата, меѓутоа до денес опстојува на ставот да не ја открива локацијата каде престојуваше на денот кога требаше да се гласа недоверба во собранието. Притоа, одбива да потврди или негира дека бил сместен во премиерската вила каде тогаш престојуваше Зоран Заев.

-Останувам на ставот дека не сакам да ја откријам точната локација и пријателот што ми обезбеди сместување мене и на моето семејство, да не ги изложам на шиканирање на какво што јас бев изложен. Бев во куќа, стан на многу близок пријател. Јас имав намера да дојдам на седницата и да дадам став, но мислењето беше дека тоа не е безбедно, и тоа беше добар потег, бидејќи гледам оваа година имаше многу силни и остри реакции, навреди, па дури и на праг на физичка пресметка – вели Реџепи.

Според него, поранешните сопартијци од Беса треба да објаснат како и зошто, откако цело време тврдеа дека ова мнозинство продолжува и дека не може да има промена без избори, сепак, се случи промена преку ноќ, па тргнаа во операција за уривање на владата од која дел беа и самите.

-Јас имав информации дека има разговори и со ВМРО и со други партии од опозицијата за Тетово. Немавме комплетни информации како се договори поддршката, дали имаше некој услов Беса по секоја цена да не биде дел од мнозинството од кое беше дел. Тетово е еден од поголемите градови на Албанците и важен е во овој систем на гласање, тоа е општина во шестата ИЕ, каде што лидерите на партиите обично се носители и тука се кршат копјата. Дали Тетово значи гаранција за успех, ќе видиме на следните избори – вели Реџепи.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ

 

Поврзани новости