Речиси еден месец семејството на исчезнатиот скопјанец бара одговори: Што се случи со Ристе?

by Fokus

Речиси цел месец нема никаков траг од Ристе Бочвароски (47) од Скопје, кој излегол од својот дом во Лисиче на 11-ти јануари, среде бел ден, и од тогаш не се знае неговата судбина. Семеен човек, сопруг и татко на две ќерки, дипломиран електроинженер, стабилна личност без здравствени проблеми, така за ,,Фокус” го опишува Андријана, блиска пријателка на семејството, која раскажува дека тие се уште не се откажуваат и секој ден организирано го бараат насекаде.

-Скоро еден месец помина, нема апсолутно никаков траг. Имаше на почеток некои јавувања, препознавања, но ништо конкретно. Ристе го нема. Од работа се организираа луѓе да го бараат, ние, пријателите и роднините бараме, сами, и веќе не знаеме што да мислиме. И по манастири одевме, насекаде прашуваме, неговата фотографија ги преполни социјалните мрежи. Во мала земја како Македонија, вака да исчезнуваат луѓе, постојано на Фејсбук гледаме апели од фамилии на исчезнати лица. Страшно е ова – вели Андријана.

Додава дека од полиција првите неколку дена имало ажурност, но сега веќе никој не им се јавувал да ги информира до каде е истрагата.

-Како да бидеме задоволни од работата на надлежните служби, кога човекот уште не е пронајден? Ние самите проверуваме снимки од камери во околината, немаме информација дека МВР ги провери и дали евентуално нешто виде на тие снимки. Гледаме дека случајот паѓа во заборав и прашувам што можеме да сториме? Читаме молби од фамилии и на други исчезнати лица, и се тоа на социјалните мрежи, на страницата на МВР ниту од Ристе имаат објавено фотографија и податоци, ниту пак за многу други исчезнати за кои дознаваме од нивни роднини преку Фејсбук. Очигледно дека на семејствата на исчезнатите им преостанува само да чекаат, да се надеваат, и како нас, самите да бараат- раскажа жената.

Дента кога исчезнал, Ристе бил облечен во сиви тренерки со капуљача и црна јакна. Висок е околу 190 см, со нормална градба. Со себе не носел лични документи ниту пак мобилен телефон. На излегување од дома, на мајка му и кажал дека ќе оди малку на воздух. Сите кои имаат било каква информација за случајот да пријават во полиција или да се јават кај Андријана на 075 274 706 или кај сопругата на Ристе на 070 838 030.

Вики Клинчарова

Поврзани новости