Реакција на здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“: До кога младите лица ќе ги губат животите поради неажурност на државата?

by Fokus

Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ со реакција по смртта на 19 годишниот Мемет, продавач на „Лице в лице“.

„Таткото на Мемет е во затвор долги години, а мајката живее надвор од Република Северна Македонија веќе подолго време. Тој живеше и порасна со вујко му и вујна му. Мемет поседуваше извод од матичната книга на родените, но за жал само тој документ го имаше како лична идентификација. По наполнување на 18 години, мајката на Мемет дојде во Македонија и тој веднаш поднесе барање за издавање на лична карта по првпат. Тука Мемет се соочил со препрека за издавање на лична карта поради тоа што мајка му повторно заминува од Македонија и службениците побарале имотен лист за да се утврди точната адреса на живеење. За жал куќата каде што живее вујко му е дива градба и со тоа автоматски му се оневозможи на младиот Мемет да има лична идентификација а со тоа и здравствено осигурување“ се вели во реакцијата на Здружението.

Оттаму информираат дека „пред околу една недела Мемет се жалел на болки во желудникот, со постојно повраќање и жед за вода. Вујкото го однесе на дежурна служба во Амбулантата Шуто Оризари. Докторката му аплицираше инекција која е замена на кетонал. Болките продолжија, а жедта за вода не му се намали. Утредента вујко му се упати во КАРИЛ – Клиника за анестезија, реанимација и интезивно лекување. Лекарите го примија истата вечер во тешка здравствена ситуација и екстремно алармантна“.

Информациите од КАРИЛ се дека „Мемет дошол со хипергликемија која што се појавува уште во детска возраст.

– „Живеел со хипергликемија долго време, и кога достасала до енормни вредности, донесен е кај нас. Ние се боревме за живот. Не можеме ни да знаеме дали имал и други болести. Некои работи ќе ги знаеме и дополнително откако ќе добиеме резултати од испитувањата“ рече Маја Мојсова, анестезиолог на КАРИЛ.

Од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ потсетуваат пред само две години почина и деветнаесет годишниот Тони Сали.

Причините за прераната смрт на ова момче, според нив, се уште не се познати затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта. Пари за приватни лекарски прегледи, ова социјално загрозено семејство, немаше.

„Прашуваме – До кога државата нема да превземе одговорност за лицата без лична идентификација/лица надвор од системот за здравствено осигурување? До кога ќе треба да згаснуваат млади животи за да се направат промени во законот за стекнување на лична идентификација?“ велат од Здружението.

Бараат од институциите веднаш да изнајдат соодветно решение за олеснување на постапката за стекнување на прва лична карта, односно доколку и двајцата родители се живи но едниот од нив поради непознати причини не живее со детето, да не постои препрека за стекнување на лична идентификација на детето.

Поврзани новости