Реакции на СДСМ и на ДУИ за денешното поставување споменици

by Фокус

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја обвинува ДПА за денешното поставување пет нови споменици. Велат дека без гласовите од ДПА, оваа точка немало да се изгласа во Советот на град Скопје.

„Во Советот,ВМРО ДПМНЕ има 6 советници од заедниците кои што не се мнозинство, ДУИ 5, ДПА 3 и СДСМ 1. На седницата беа присутни 4 советници на ДУИ и 2 на ДПА што беше доволен број за да се гласа против оваа одлука затоа што и советничката на СДСМ гласаше против. Но, за жал на Скопјани и Албанците воопшто, ДПА имаше претходен договор да го поддржи поставувањето на 5 нови споменици во Скопје, исто како што го поддржа проектот Скопје 2014 уште од почетокот. Новите споменици во Скопје, проектот Скопје 2014 како и сите моноетнички и моноверски проекти во главниот град го носат потписот и одобрението на ДПА“, се вели во соопштението на ДУИ.

Од партијата велат дека ДУИ имала обид да му даде мултиетнички карактер на проектот преку доделување буџетски средства за Албанскиот национален театар во Скопје, Плоштадот Скендербег, театарот и библиотеката во Тетово, Универзитетскиот камупс во Скопје, како и трите одобрени споменици на Албанците кои што треба да се постават во центарот на Скопје, но, како што велат, „сепак останува горчливиот вкус на ова наследство кое што ДПА и го остава на Скопје и на Албанците во целина“.

Од опозициската СДСМ пак, велат дека во Скопје преку ноќ никнуваат споменици без да се знае колку чинат, кој ги плаќа и кој е автор на истите.

„Власта молчи за петте споменици кои анонимното Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради ги донира на градот Скопје. До денес, ниту Никола Груевски како идеолог на Скопје 2014, ниту Коце Трајановски, ниту пак анонимното здружение имаат дадено било каков одговор. Очигледно власта нешто крие“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека во четвртокот советниците од опозицијата поставиле советнички прашања на седницата на Советот на Скопје.

„Одговорот на Коце Трајановски беше дека вредноста е непозната бидејќи се работело за уметнички дела. Веројатно ова е прв случај во историјата на уметноста да не се знае вредност на конкретен и веќе изработен споменик. Нема одговори ниту на прашањата за авторите на овие споменици. Денес се шпекулира дека поставувањето на спомениците го надгледувала омилената скулпторка на Никола Груевски, Валентина Стефановска. Дали таа е можеби авторот на анонимната донација?“, велат од СДСМ.

Инаку, СДСМ веќе поднесе барање за даночна инспекција до УЈП и Управата за финансиско разузнавање, со цел да се утврди потеклото на парите и дали евентуално се работи за случај на перење на пари.

Поврзани новости