Разумен сомнеж: ТЕЧЕ НИЗ НОГАВИЦИ

by fokus

Иронијата е, за да основаш политичка партија во Македонија, потребни се 1.000 потписи од граѓани, по што ќе можеш да поднесуваш листи каде што сакаш низ државата, а само да се обидеш да станеш советник во Скопје, потребни се најмалку 9.000 потписи

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

 Дури минатата недела за првпат се слушна, а оваа недела веќе тоа се стави во реализација, за предлогот на „големите“ меинстрим партии ДПМНЕ-СДС-ДУИ и ДПА да се воведе минимален праг од два процента од запишани избирачи за да може нивната листа да учествува во изборниот процес. Во пракса, овој предлог значи дека за да излезете како независна листа на граѓани во Скопје, на пример, треба да соберете нешто над 9.000 потписи.

Потписи што не се собираат каде било со податоци од лична карта, на пример, туку во ДИК, и згора на тоа заверени на нотар како дополнителен трошок и бирократска пречка да го практикувате вашето пасивно избирачко право, имено правото да се биде биран. Не треба да се биде гениј за да се разберат мотивите на партиите предлагачи- елиминација на секоја закана по нивните фотелји, колку и да е мала. И тоа особено во форма на независни граѓански листи, каде што бакнување чевли не е еден од условите да се најдеш на листа.

НЕДЕМОКРАТСКИ ПОТЕГ

Нормално, владејачката партија отворено, а ДПМНЕ молчешкум, го правдаат овој недемократски потег на само три месеци пред избори, како и нивните медиумски поддржувачи и партиски ботови по социјалните мрежи. Иронијата е, за да основаш политичка партија во Македонија, потребни се 1.000 потписи од граѓани, по што ќе можеш да поднесуваш листи каде што сакаш низ државата, а само да се обидеш да станеш советник во Скопје, потребни се најмалку 9.000 потписи.

Забога, со 10.000 потписи можеш да се кандидираш и за номинално највисоката политичка функција во државата Претседател на државата, а исто толку бараат само за да се тркаш за советник. Дополнително, зошто се бараат два проценти од вкупно запишаниот број избирачи? Зар излезноста на избори е сто проценти? Ајде да разберам од вкупно излезените на последните избори, иако и тоа е дубиозно, но вака?

ВО ШТО Е ОПАСНОСТА?

Инаку измените на овој закон ги бранеше министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој самиот доаѓа од граѓанскиот сектор. Кога министерот беше во НВО секторот, не слушавме од него или од неговите „соборци“ вакви генијални идеи. Но, познато е дека власта го менува човекот. Ваквата идеја за разно разни прагови ја поддржа и познатиот фотелјобран со измислена функција шеф на кабинет, мали Никса, кој смета дека требало да се воведе ред и поредок. Идентично, како и Маричиќ, вакви генијални идеи Никса немаше додека се врзуваше за дрва пред Бристол.

Во што е опасноста? Опасноста е во тоа што власта е во еден транзициски период од хибриден режим во отворена автократија. Ни ДПМНЕ не стана монструмот од последните години преку ноќ. Сетете се на првите две до три години од нивното владеење, споредете го со последните три и ќе ви стане јасна поентата. Како што одминува времето, политичката моќ на СДСМ расте, а џебовите им се полнат, ќе гледаме сè повеќе Милевци и Гордани, во тоа воопшто не се сомневам.

Поврзани новости