Разумен сомнеж: ЛЕГАЛИЗАЦИЈА СЕГА!

by fokus

Легализацијата на канабисот не е само поради канабисот. Легализацијата е поради заштита на добри граѓани од лоши овластени службени лица кои го користат канабисот како gateway drug за повреда на човековите права. Целосна легализација на канабисот СЕГА!

Јанаки МИТРОВСКИ

На мое лично позитивно изненадување, Здружението чиј основач и моментален претседател сум, „БИЛКА“ доби покана од Владата на Република Македонија да биде дел од работна група, која ќе работи на регулатива за декриминализација и легализација на канабис, проширување на листата на состојби за кои канабисот треба да се препишува, отворање можност тоа да го прават и лекари од приватно здравство, дозвола да секој што има медицинска потреба или рекреативно консумира да може да гаи канабис дома, подобрување на условите на бизнис-секторот итн.

ПОЗИТИВНО ИЗНЕНАДЕНИ

Велам позитивно изненаден, бидејќи факт е дека извесен период БИЛКА беше условно речено „блокирана“, немавме пристап до Министерството за здравство, Правда и Владата, иако имавме неколку разумни обиди за воспоставување нормална комуникација. Пресумпција ми е дека тоа се должеше на тврдиот став на БИЛКА во поглед на целите и барањата за кои се залагаме, и непопустливоста, односно некооперативноста по секоја цена со надлежните институции.

Во понеделникот во свечената сала на Владата се одржа првиот состанок на работната група, во која членуваат преставници на седум невладини организации, две лекарски здруженија, три министерства, производителите на канабис и Владата. Морам да истакнам дека составот е одличен и дека појдовно сме задоволни.

Она што отсекогаш било една од моите главни забелешки на оваа владејачка гарнитура во поглед на канабисот е што се залага само декларативно, и ова е прв сериозен конкретен чекор за либерализирање на ригидните државни политики. Иако се власт повеќе од четири години, подобро доцна, отколку никогаш.

ПРИСТАП ДО ЛЕГАЛЕН КАНАБИС

Го утврдивме мандатот на работната група и одредивме неколку временски рамки за одредени истражувачки активности, и активности за подигање на свеста на јавноста, активности во кои БИЛКА ќе земе активно учество, и закажавме нареден состанок за седумнаесетти овој месец.

БИЛКА инсистира на десетина барања, добро познати и повеќепати презентирани во јавноста. Убеден сум дека доколку постои политичка волја, поголемиот дел од нив, ако не и сите ќе бидат реализирани и ќе доведат до дестигматизација на уживатели, пристап до легален канабис за пациенти и економски бенефит за државата, кој иако добредојден, за нас во БИЛКА секогаш е секундарен. Не треба да се занемарат и потребите на бизнис-секторот, кој заглави поради лоши државни политики.

Легализацијата на канабисот, не е само поради канабисот. Легализацијата е поради заштита на добри граѓани од лоши овластени службени лица кои го користат канабисот како gateway drug за повреда на човековите права. Целосна легализација на канабисот СЕГА!

Поврзани новости