РАЗУМЕН СОМНЕЖ- Квази активисти

by fokus

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Пред нешто помалку од две години, познатата македонска актерка и хуманистка Ирена Ристиќ, воедно и моја драга познаничка, напиша фејсбук-статус жестоко критикувајќи ја постапката на група Роми кон одреден коњ со име Аурора. Јас не ја делам љубовта кон животните, или барем не до тој степен како Ристиќ, и нејзината првична реакција ми се виде по малку чудна.

На доста долгиот фејсбук-статус, во една прилика Ирена го користи зборот „Циган“, што делумно предизвика негативни реакции кај ромската популација во Македонија. Но, тој збор, ако самиот статус го гледаме во целина, а не изваден од контекст, не е ниту навредлив, ниту дискриминирачки. И тоа не го велам ниту јас, ниту Ирена, туку највисoкиот правен извор – праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што ќе стане збор нешто подолу.

ХАЈКА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

На именуваниот статус, жестока реакција имаше една млада колешка од ромска националност, ако можеме да ја наречеме колешка, бидејќи во судница не сме ја виделе, која, пак, љуби да гради кариера токму врз основа на својата националност, што е нон-сенс. Жестока и претерана реакција со организирање хајка на социјалните мрежи, но и со злоупотреба на својата работна позиција.

Погодувате, колешката не практикува право од адвокатска канцеларија, независно дали е нејзина или работи кај друг адвокат, туку гради кариера врз основа на својата етничка припадност и работи во невладина организација.

Ќе го искористам просторот, кој „Фокус“ ми го отстапува, со цел да ја подучам колешката која сака да се фали дека има меѓународна кариера (не сум знаел дека шетањето по светот е кариера, но нејсе) не за да ја гледам одозгора, туку бидејќи школа реално ѝ е потребна.

Согласно етаблираната пракса, Европскиот суд за човекови права и слободи во секоја своја пресуда повторува дека слободата на изразување претставува еден од суштинските основи на демократското општество. Таа слобода се применува, не само на информации или идеи што се примаат позитивно, или за кои се смета дека не се навредливи или кон кои се однесуваме индиферентно, туку и на тие што се навредливи, шокантни или вознемирувачки. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и широкоумноста без кои нема демократско општество.

ДИСКРИМИНАТОРСКА НАМЕРА

Ирена како јавна личност посочила на илегална активност на одредени припадници на ромската заедница. Дури и дел од зборовите, читани сами за себе, навидум да изгледаат неумесно, мора да се цени дека кога ќе се проучи статусот во целина, не може да се заклучи дека авторот дејствувал во лоша волја или имал намера да ја навреди ромската заедница. (mutatis mutandis АКСУ против ТУРЦИЈА, ЕСЧП)

Сметам дека колешката не успеа да продуцира prima facie докази дека Ристиќ имала дискриминаторска намера или дејство. Воедно не успеа да продуцира докази дека пријавената дејствувала со намера да го оправда своето евентуално противправно поведение, особено ако се има предвид фактот дека на самиот свој наводно спорен статус дозволила плуралистичка дебата со истакнување спротиставени ставови, како и понудила извинување во подоцнежен статус.

Случајот на Ирена треба да се разгледува во конкретниот контекст. Прво, целта на статусите била да се укаже на илегална активност на дел од популацијата; второ, целта била да алармира на супстандардните услови во кои живеат Ромите; и на крајот, ваквите ставови се изразени во текот на плуралистичка дебата во која пријавената активно учествувала заедно со повеќе граѓани кои ги истакнале своите спротивставени ставови.

За жал, мојата колешка со наводна меѓународна кариера бараше трофеј, организираше хајка без за секунда да помисли каква штета чини, не само кон Ирена, туку и кон самите Роми за кои Ирена безброј пати си го оставала срцето на улица, и тоа без надомест, за разлика од мојата колешка, која прима плата за својот „активизам“.

ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ

Што од бес, што од желба за себепромоција, беше поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје поради наводно ширење нетрпеливост, но и за загрозување на сигурноста по компјутерски пат – дека наводно по компјутерски пат Ирена повикувала да се вршат кривични дела врз Ромите кои се казниви со минимум пет години, само поради нивната етничка припадност, што е небулоза, но и ги инкриминира бидејќи тоа претставува лажно пријавување кривично дело.

По година и половина постапка, а која траеше толку бидејќи загрижените активисти за правата на Ромите не можат да се приберат од плажите во светот, на прв степен постапката заврши со отфрлање на кривичната пријава за сите три кривични дела кои се наводно сторени, а по жалба на невладините и Вишото обвинителство го потврди ставот на ОЈО Скопје. Секако, колешката не испушти да ги смета за дискриминатори и обвинителите само поради тоа што не се на исто правно мнение.

Од секогаш сум бил човек кој верувал во одговорност. И Ристиќ е на моја линија, па сметавме дека невладините и особено колешката мора да си сносат одговорност за хајката и побаравме по писмен пат да се извинат, предупредувајќи дека во спротивно ќе поднесеме кривична пријава и тужба за нарушена чест и углед.

За нотирање е и фактот дека на самиот сајт на интернационалната невладина организација имаше поставено слика на која беше прикачен наводен цитат на Ристиќ, комплетно изваден од контекст со ставени наводници на зборовите „ценетите сонародници“ (кои наводници ги нема во оригиналниот статус), јасно отсликувајќи ја злата намера на мојата колешка.

ОДГОВОРНОСТ ЌЕ ИМА

Наместо да се ресетира, да го прифати поразот како школа, да види каде погрешила и со самото тоа да се подобри пред се како правник, на колешката и беше полесно својот бес да го истури врз мене и Ирена. Те сум бил лепеза која сакала да биде клима, те системот бил дискриминирачки (интересно, како не е дискриминирачки кога продуцира позитивни пресуди за колегите) и нормално – ги мразиме Ромите. Се, само да не се погледне себеси во огледало.

Од ваквиот став не сум изненаден. Забога, па во Македонија постојат адвокати кои градат кариера врз основа на својата националност и сите нивни властодавци по правило се дискриминирани, без исклучок. Но, одговорност ќе има, колешката ќе се соочи со мене во судница, а немам баш репутација на фин адвокат кога вратата од судница ќе се затвори. Ќе бидат тоа доолги минути за колешката во судница, а јас ќе уживам во секоја од нив. Затоа најлесно е, колешке, да се извините. Едно mea culpa е доволно. Ако знаете што е доблест.

Она што ми пречи, и е моја легитимна забелешка, е што и покрај бројните невладини организации и значителни средства донирани кај нив, состојбата на Ромите во државава и понатаму е далеку под задоволувачко ниво. Никој од овие квази активисти никогаш не дал отчет каде одат сите овие средства? Зошто, и покрај бројните напори, овие луѓе не мрдаат од мртва точка?

Јас мојот придонес сум го дал, и нема да кажам како, бидејќи тоа сум го правел од љубов и емпатија, а не за себепромоција. Припаѓам на етничка заедница, која е во изумирање. Тргнете ги сите стереотипи настрана, за педесет години Власи ќе нема. И на крај памет не ми паднало од мојата националност да правам кариера. А тоа кај нас е доходовен бизнис.

Колумната беше објавена во неделникот „Фокус“.

Поврзани новости