Разумен сомнеж: ДИЛ ЗА МЕРАК

by fokus

Зар кој било здраворазумен човек, или особено како мене од фелата верува дека e сосема случајно што баш сега е разрешен Бошевски, иако неговото однесување беше сомнително и алармантно години наназад?  Секому му е јасен политичкиот дил за неказнување, кој влече корени уште од Љубчо и Бранко, а и ден денеска одлично функционира

Јанаки МИТРОВСКИ

Судскиот совет на Република Македонија го разреши судијата Горан Бошевски поради нестручно и несовесно работење. Повеќе од три години ги развлекувал два од најголемите корупциски предмета, меѓу кој и оние за кинеските автопати. Рочишта закажувани на лимитот од законски дозволеното, со деведесетпроцентно одлагање, застарување кај дел од обвинетите. И ако некој вчера се преселил да живее во Македонија, некој ќе си рече, па одлично, конечно некој судија во Македонија да биде разрешен за вакви пропусти. И тука лежи зајакот.

Јавноста, како  и невладината „Коалиција сите за правично судење“ уште одамна, цирка две години алармираше на ваквото однесување на конкретниот судија, кое беше благо речено дубиозно. И по две години молк, и неколку застарени дела, судијата Бошевски беше разрешен баш сега.

ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС ОД ПОЧЕТОК

За неупатенитге, промена на судскиот состав повлекува почнување на целиот процес од почеток. Конкретно предметот за кинеските автопатишта застарува во 2023 година. Теоретски кога процесот ќе почне одново постои можност со согласност на одбраната и обвинителот, да се исчитаат веќе изведените докази и искази и така судењето да продолжи таму каде што застанало.

Но, кој адвокат или обвинет би бил толку луд да не искористи ваков волеј од судскиот совет. Нормално дека нема да дадат согласност и процесот ќе почне одново. Имајки го предвид темпото, обемот на доказен материјал за изведување, огромна е веројатноста дека овој предмет во целост ќе застари и за другите обвинети – Миле Јанакиевски, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски.

Триесетина години во Македонија има неформален, но многу силен дил за негонење помеѓу двете најголеми политички партии и тоа го гледаме катадневно. Тоа што Мијалков е моментално во приотвор не значи ама баш ништо. И Рашкоски беше, одмори еден месец и, пак, си е домa.

ДОЈДИ НА ВЛАСТ НЕ ГО ЧЕПКАЈ ПРЕТХОДНИОТ

Во Македонија никогаш немало суштински судски реформи. Дел од судиите не ни сакаат да бидат судии во смисла на ВЛАСТ, и прелесно седнуваат во скутот на политичката клика на власт. Затоа просечната оценка за довербата на судството во Македонија редовно се движи околу два, дури и со тенденција да паѓа.

Зар кој било здраворазумен човек, или особено како мене од фелата верува дека e сосема случајно што баш сега е разрешен Бошевски, иако неговото однесување беше сомнително и алармантно години наназад?  Секому му е јасен политичкиот дил за неказнување, кој влече корени уште од Љубчо и Бранко, а и ден денеска одлично функциониора.

Тоа е рецептот по кој нè молзат. Дојди на власт, не го чепкај претходникот за секој случај да не се врати на власт, па да ти е*е матер, нафатирај се милиони и милијарди или доволно за да си се пазариш со следниот, плус сè уште ќе имаш политичка моќ како додатен ас за пазарење. Дил за мерак.

Поврзани новости