Разрешувањето на судијата Бошевски го сруши и случајот “Шпански скали”

by fokus

Освен случаите “Траекторија” и “Талир 1”, кои ќе почнат од почеток поради разрешување на судијата Горан Бошевски, во вода ќе пропаднат и досегашните рочишта за случајот “Шпански скали”, бидејќи покрај судијата Владимир Туфегџиќ, судијата Бошевски во овој предмет беше втор судија.

Тој на изненадување на јавноста денеска беше разрешен по одлука на Судскиот совет, од каде што не откриваат детали бидејќи одлуката не е правосилна.

Ова значи дека и случајот “Шпански скали” ќе почне одново. Веќе еднаш судењето се повтори поради заминување на судија поротник и тоа во фаза кога беа изведени скоро 400 материјални докази. Сега пак предметот е повторно во фаза на изведување на докази, со закажано рочиште за три дена, но сега ќе мора, по трет пат, се да почне од почеток.

Во случајот „Шпански скали“, покрај екс министерот Миле Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска-Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.

Тие се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на плоштадот во Скопје ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.

Валентина Вурмо

Поврзани новости