Разрешени старите членови на комисиите за лекување во странство, на нивно место доаѓаат Соња Ставриќ како претседател на првостепена и Зимбаков како прв човек на второстепена комисија

by Fokus

Членовите на Лекарските комисии кои одлучуваат за лекување во странство, а кои се под раководна палка на Фондот за здравство официјално се разрешени и на нивно место доаѓаат 14 нови лекари во првостепена и второстепена комисија и уште 14 како нивни заменици, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, на местото на досегашната претседателка на првостепената комисија Викторија Чаловска доаѓа доктор Соња Ставриќ од Клиниката за хематологија. Освен неа, во првостепената комисија ќе бидат доктор Петар Аврамовски, потоа доктор Лилјана Којиќ од Детска клиника, Илир Исмаили, доктор Ана Михајловска-Рендева, доктор Арбен Карпузи и доктор Ирфан Амети.

Со второстепената комисија пак ќе раководи кардиологот Жан Зимбаков, кој доаѓа на местото на оропедот Анастасика Поповска, мајка на екс министерот за надворешни работи Никола Поповски. Од второстепената комисија разрешени се трауматологот Виктор Камиловски и поранешниот директор на Детска хирургија, Ристо Симеонов, а на нивно место поставени се доктор Венко Филипче и доктор Антонио Глигоровски. Освен нив, во комисијата која одлучува за лекување во странство се доктор Филип Дума, потоа доктор Фатмир Џафери, доктор Агрон Палоши и доктор Вања Џамбазовска Трајковска.

И во двете комисии има уште 14 лекари, кои се водат како надворешни членови и се нивни заменици.

Последните неколку години не поминува ден без на социјалните мрежи да се појават нови апели за собирање пари за деца болни од церебрална парализа, мултиплекс склероза, рак на коските, тумор на главата, вродена срцева мана, за што се потребни илјадници евра, а семејствата не можат да ги обезбедат.

Таму има бебиња од по неколку месеци, па сѐ до девет-десетгодишни деца. На нивниот број им нема крај, а сумите за операции најчесто се движат од 50.000 до 300.000 евра, во зависност од тоа за која болест и за каква операција станува збор.

Ирена Мулачка

Поврзани новости