Разрешен судијата Горан Бошевски, судењето за „Траекторија“ ќе почне од почеток

by fokus

Судскиот совет го разреши судијата Горан Бошевски од Кривичниот суд Скопје кој го водеше случајот на Специјалното јавно обвинителство „Тракеторија“ во кој беше обвинет поранешниот премиер Никола Груевски.

-Разрешен е еден судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е оддалечен од вршење на судиската функција, соопштија од Судскиот совет.

Сепак од таму не откриваат зошто конкретно е разрешен Бошевски. Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска на нашето прашање зошто Бошевски е разрешен ни одговори дека постапката за утврдување на одговорност на судија е од доверлив карактер за да се заштити угледот и достоинството на судијата, се до правосилноста на пресудата. – Не можам да ви одговорам на прашањето бидејќи е спротивно на Законот за судски совет за кој судија е донесена одлуката, ни изјави Црвенковска.

Бошевски нема веќе да суди, но има право на жалба пред Врховниот суд.

Судењето за случајот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати – делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид почна во 2017 година и се уште нема пресуда, а во случајот освен Груевски обвинети се поранешните владини функционери, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Геориевски. Кривичното дело што му се ставаше на товар на Груевски пак застаре во текот на судењето.

Со разрешувањето на Бошевски, судењето за „Траекторија“ ќе почне од почеток бидејќи ќе се смени судечкиот совет. Судењето би требало да почне од почеток и со Груевски како обвинет бидејќи застарувањето на делото се утврдува дури во пресудата.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости