Размислување на еден лаик

by Fokus

Во текот на јануари и февруари имавме многу силна епидемија на „сезонски грип“, од кој според официјалната статистика заболеле 37.000 луѓе (наспроти 20.000 колку што просечно се разболуваат последниве 10 години), а со симптоми многу слични на оние кои сега се наведуваат како карактеристични за Ковид 19, нужно ќе се постави прашање дали можеби добар дел од овие случаи всушност биле заболени и прележале Ковид 19, само што не можеле да бидат тестирани бидејќи СЗРО прогласи опасност од Ковид 19 многу подоцна.

Пишува Александар ТОРТЕВСКИ

Самиот факт што одлучив да напишам текст на темава, на сите противници ќе им даде (сосема оправдано) сериозен аргумент од типот „еве го сега адвокатот научил и медицина“, но го прифаќам комплетниот ризик да бидам исмеан од стручњаците и за тоа ќе се обидам поентата да ја објаснам само со мои лични логички размислувања и сознанија, кои не се спорни речиси за никого, освен секако за оние кои сметаат дека земјата е плоча и оние (по правило истите) кои тврдат дека со лижење на едно лажиче во црква од стотина луѓе е нешто што го поткрева имунитетот, а во никој случај не може да доведе до заразување.

Она што ме наведе да го напишам овој текст е за мене спектакуларното откритие на жена која одамна починала во Велес, а кај која било констатирано присуство на вирусот Ковид 19 или само остатоци од вирус. Случајот, според мене, е особено значаен од причина што на експертите може да им даде одговор на многу прашања затоа што ова е, би рекол, настан кој заменува многу сериозен експеримент, кој не знам дали некој воопшто го спровел до сега, а за што сметам дека треба да биде известена и СЗРО. Ова од причина што имаме тело кое било на собна температура и било пронајдено по сериозен протек на време. Намерно не шпекулирам со тоа пред колку време настапила смртта затоа што од првичните 3 месеци, денес веќе се тврди дека смртта настапила пред 7 дена. Првичната проценка дека смртта настапила непосредно по Нова година ја дале службениците на МВР, кои го нашле телото и разговарале со соседите кои потврдиле дека одамна од станот се ширеле тешки миризби, а дека последен пат жената ја виделе пред Нова година. Ако е ова приближно точно, тогаш заклучокот е дека жената со Ковид 19 се заразила уште пред или околу Нова година, што несомнено води кон заклучок дека вирусот кај нас бил присутен уште многу пред официјално да се дијагностицира преку тестирање.

Ако кон ова се додадат несомнено точните сознанија дека во текот на јануари и февруари имавме многу силна епидемија на „сезонски грип“, од кој според официјалната статистика заболеле 37.000 луѓе (наспроти 20.000 колку што просечно се разболуваат последниве 10 години), а со симптоми многу слични на оние кои сега се наведуваат како карактеристични за Ковид 19, нужно ќе се постави прашање дали можеби добар дел од овие случаи всушност биле заболени и прележале Ковид 19, само што не можеле да бидат тестирани бидејќи СЗРО прогласи опасност од Ковид 19 многу подоцна. Само да потсетам дека на самиот почеток на официјалната епидемија кај нас во Систина беа извршени тестирања, кои го утврдуваат постоење антитела во крвта и еден прилично висок процент беа позитивни, што укажуваше дека луѓето од поодамна веројатно го прележале вирусот.

Многумина овие мои размислувања ги оценија како бескрајно глупи или небитни, затоа што и не било битно дали некој веќе го има прележано вирусот во момент кога сè уште има значајна бројка луѓе кои секојдневно заболуваат. Со ваквите тези не можам да се сложам од причина што сметам дека многу е важно во моментов да се утврди колкав процент луѓе веќе го прележале вирусот и дали можеби барем кај дел од популацијата веќе постои „имунитет на стадо“. Само така ќе знаеме со што се бориме и колку луѓе треба да заштитиме. Од таа анализа би морале да зависат мерките што се преземаат, а кои сè посериозно се закануваат да го уништат кревкото стопанство, а серозно влијаат и врз менталното здравје на нацијата. А, не е нешто особено тешко и неизводливо. Треба само да се набават квалитетни неколку илјади тестови (најквалитетните чинат околу 5 долари), со кои ќе се тестираат луѓето кои во последните неколку месеци прележале „сезонски“ грип, а со симптоми слични како од Ковид. Ако процентот е висок, тоа ќе биде прекрасна вест и ќе значи дека треба да се продолжи со тестирања за да се утврди вистинската бројка, која веќе го има прележано вирусот. Впрочем ова е важно и од аспект на утвдување потенцијални донатори на крвна плазма, која изгледа за сега е единственото нешто што им помага на заболените.

Во никој случај не би сакал овој текст да се разбере дека сум против мерките што ги презема владата во борбата со пандемијата, напротив во најголем дел ги поддржувам со исклучок на последнава со комплетниот полициски час во текот на викенд, но сите комплетно ги почитувам.

Додека го пишувам овој текст добив потврдена информација дека болницата Сент Џозев во Хаген извршила тестирање на целокупниот персонал на антитела на Ковид 19 и сите до еден било утврдено дека го прележале вирусот уште во текот на јануари, што во добар дел ја потврдува мојата претпоставка дека вирусот можеби бил тука уште пред 4 месеци но не сме го препознавале.

П.С. Лаички сметам дека е грешка тоа што телото на починатата велешанка било погребано веднаш по извршената обдукција. И најмали сомневања во однос на дилемите кои пред науката ги постави овој случај мислам дека треба да бидат испитани од страна на врвни светски експерти затоа што можат да доведат до нови заклучоци, многу битни во борбата за справување со пандемијата.

 

Поврзани новости