Ратајкоски: МТВ ненамерно емитуваше владини реклами

by fokus

Откако ад хок телото за медиуми побара прекршочна постапка, односно опомена за МТВ за прекршување на законот за владини реклами, се огласи и главниот и одговорен уредник на првиот програмски сервис на Македонската телевизија.

Во изјава за Мета, Диме Ратајкоски вели оти ги прифаќа забелешките, бранејќи се дека вработен во телевизијата несакајќи емитувал владини реклами пред вестите.

– Станува збор за грешка од небрежност и покрај писмената и усна наредба дадена во режија. Водичот на програма, на своја рака, од незнаење и неиформираност од колегите, ненамерно (според изјавите на водичот на програма), го има сторено прекршокот. Во согласност со актите за дисциплински мерки во МРТ, сите вработени што ќе направат каков било прекршок, ќе бидат соодветно санкционирани. Напоменуваме дека по известувањето на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги, МРТ ги отстрани сите владини реклами, а во меѓувреме направивме уште една проверка на сите програмски и рекламни форшпани за да не се случи истата грешка – вели Ратајкоски.

Инаку, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по поднесениот предлог од Привремената комисија за следење на медиумското претставување поднесе барање за поведување прекршочна постапка во која судот ќе изрече прекршочна санкција – опомена против Првиот телевизиски програмски сервис на Македонската радиотелевизија.

Прекршувањето се состои во тоа што на програмата на МРТ1, во периодот од 2 до 5 септември 2016 година, спротивно на член 75-д став 4 од Изборниот законик, се емитувани реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија.

Поврзани новости