Расте интересот за вакцинација: Пријавени над 70 илјади граѓани

by Fokus

Вкупно 53.070 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“. Преку матичните лекари пријавени се 24.958 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почна денеска во Модуларната болница при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде се вакцинираат вработените во таа јавна здравствена установа.

– Следат вработените во сите ковид – центри најпрво тука во Скопје, во ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле, Интерните клиники…Засега планот е вакцинацијата да се одвива тука во Скопје, во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Поврзани новости