РАСПАД СИСТЕМ

by Fokus 19:00
19:00

И двајцата Горани – министри во најважните ресори за Прилеп и за Битола, и двајцата немаат со што да се пофалат. А одат за градоначалници! Милевски заедно со Заев, ама и со Сугаревски ветуваа пруга, потоа автопатот, еве може и експресен пат да е, Прилеп – Битола до Скопје

 Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ

- Advertisements -

 Ќе го „олабаам“ Петрета во оваа колумна. Мислам дека е јасно дека Скопје ќе има друг градоначалник.  Самиот факт колкумина гледаат шанса во изборите, кога половина естрада смета дека може да се трка со него, значи дека Шилегов работата многу ја утнал. Па, нормално, ако Скопје е „распад систем“. Исто како што државата е „распад систем“. Исто како што е СДСМ-ДУИ распад систем. Поточно, Заевиот кабинет е во распад.

Нејсе, министри бегаат во обид да си спасат кожинката и да преживеат ухлебени на буџетска сметка. Горан Милевски ќе трча за Битола. Самостојно. Еј, министер за локална самоуправа, а ќе трча за Битола? Без поддршка од неговиот шеф Заев, ама во поддршка со Морачанин, која по сопствено видување си нарачува(ше) смени, разрешувања на директори кај Заев. Знам, реченицата е конфузна, ама па и буквално ја отсликува состојбата. Па, внимавајте, движењето зад Горан се викало „Одлучно за промени“!? Тој министер, а трча „Одлучно за промени“?

 НЕРЕАЛИЗИРАНИ ВЕТУВАЊА

За Прилеп ќе трчал Горан Сугаревски. И тој беше министер, еден од поомилените на Заев, за транспорт и врски. Запаметен како министер на „искривен“ автопат, кој чудесно се исправи. Ама не се направи.

Е, баш Милевски и Сугаревски, односно нефункционирањето на нивните ресори (за право и по Сугаревски со оној Бочварски не ја смени функционалноста) СДСМ-ДУИ се во распад дури и пред овие избори да поминат.

Двајцата Горани ги држеа ресорите поради кои СДСМ-ДУИ ќе доживеат дебакл на изборите. Главна тема на претходните локални им беше локалниот развој. До толку, што се заговараше и рамномерен развој, па и закон се туркаше, секако, со европско знаменце.

Во една пригода, на почетокот на годинава бев на дебата со Милевски баш на оваа тема. И во таа дебата јасно му посочив дека без инвестиции во инфраструктура нема развој на ниеден регион, со тоа ниту рамномерен развој. Дека рамномерен развој е симфонија. А без инвестиции има само – какафонија.

Го потсетив Милевски на нереализираните ветувања на коалицијата на СДСМ. Едноставно го прашав „Како Вие, Милевски, ќе се вратите во Битола; Доаѓате од Пелагонискиот плански регион, ветувавте дека ќе донесете развој на тој регион“? Во оваа пригода го прашувам Сугаревски истото, како тој мисли да застане пред прилепчани?

И двајцата Горани – министри во најважните ресори за Прилеп и за Битола, и двајцата немаат со што да се пофалат. А одат за градоначалници! Милевски заедно со Заев, ама и со Сугаревски ветуваа пруга, потоа автопатот, еве може и експресен пат да е, Прилеп – Битола до Скопје. Се ветуваше и топлификацијата за Битола од РЕК-от, ама и гасификација за тој регион.

Ќе се послужам со факти од лани, годинава се и онака локални избори. Пребројувањето на парите за капитални, пред ребаланс, покажа дека Локална самоуправа во 2020 до септември реализирала (потрошила) само неверојатни 4,1 отсто од планираниот буџет.

Така истакна Фатмир Бисими пред ребалансот. Ништо поарна не (беше) е и состојбата со капиталните инвестиции во сите ресори. А без инфраструктура, без инвестиции, нема развој. Пред сѐ, креирање современи услови за живеење и работа. Инфраструктурата носи инвестиции. Инвестициите значат работни места, иднина, останување на младите. А тие се најважни. И најсурово реални.

КАДЕ Е РАМНОМЕРНИОТ РАЗВОЈ?

Два града, некогашни гиганти, Прилеп и Битола, цел тој пелагониски плански регион, огромен и важен за Македонија, заостанува и во перцепцијата на граѓаните е неперспективен само и само затоа што пет години не видоа никакво интересирање кај централната власт за развој. А носители на тој развој требаше да се токму Милевски и Сугаревски. Министри, бре, на најважните ресори за развој. Каква фарса, сега бараат гласови за градоначалници.

Ќе добијат, како да не. Знаат и битолчани, знаат и прилепчани; ама знаат и во Охрид и во Струга, знаат и во Кочани и во Штип и во Свети Николе, Гевгелија, Тетово, Велес, знаат насекаде дека со разни, различни, но исти „Милевски“ или „Сугаревци“ ќе останат на дното. Исто како што знаат и во Скопје. И знаат дека по изборите ќе дојде и „важната“ смена. Ќе дојде крај на овој „распад систем“ и со тоа ќе почне и вистинска грижа за развој. А, да; рамномерен развој!

Поврзани новости