Раскинат договорот за реконструкција на „Пелагонија“, се бара фирма која ќе ја заврши фасадата за 1 милион евра

by fokus

Град Скопје го раскина договорот со фирмата „ЛСГ Билдинг Солушнс“ за реконструкција и доградба на зградата Пелагонија која се наоѓа во близина на Триумфалната порта. Од Градот велат дека компанијата не го почитувала договорот и ги пробила роковите.

-Договорот е раскинат и е активирана банкарска гаранција. Финансиски средства за доизградба се обезбедени од буџетот на Градот, а наменски префрлени од државниот буџет со одлука на Владата – велат од кабинетот на градоначалникот, Коце Трајановски.

Довршувањето на фасадата ќе го чини Градот 1.143.602 евра. Веќе е распишан оглас на кој се бара поволна понуда, по што администрацијата на Трајановски треба да избере нова фирма која ќе го заврши проектот.

Инаку, со ребаланс на буџетот беа скратени 30 милиони евра предвидени за објекти од проектот „Скопје 2014“, меѓу кои се и проектите за рефасадирање на згради во централното градско подрачје.

Зградата „Пелагонија“ доби барокно руво со одлука на Град Скопје, откако претходно била добиена согласност од станарите и сопствениците на деловните простори, рекоа од Градот. Сопственик на зградата е компанијата за производство на лекови, медицинска опрема и материјали „Д-р Пановски“.

Идејното решение за фасадата е на Лазар Димов и Никола Стакинов. Склучениот договор со „ЛСГ Билдинг Солушнс“ беше во вредност од 1,9 милини евра. Не се знае колку од предвидениот проект е изградено и колку уште останува да се изгради.

М.В.

Поврзани новости