Рашковски немал забрана да комуницира, па затоа судот го одбил барањето да биде вратен во Шутка

by fokus 14:47
14:47

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски немал забрана за комуникација со други обвинети во случајот за набавката на софтверот, ниту забрана за употреба на средства за комуникација, а Обвинителството за гонење на организиран криминал барало Рашковски да биде вратен во притвор во Шутка токму поради непочитување на овие мерки. Ова е причината поради која судија на претходна постапка, а потоа и Кривичниот совет го одбил предлогот на Обвнителството, соопштуваа од Кривичниот суд.

-Мерката за обезбедување присуство – Куќен притвор за осомничениот Д.Р. продолжена со решение на Кривичниот суд, а потврдeна од Апелациониот суд, опстојува без дополнителна мерка за претпазливост – Забрана за комуникација со лица опфатени со кривично правниот настан или Забрана за употреба на средства за комуникација. Предлогот на Јавниот обвинител за замена на мерката куќен притвор во ефективен притвор е поднесен заради непочитување на конкретната мерка за претпазливост кој во критичниот период воопшто не опстојува. Имајќи ги предвид овие околности, најпрвин судија на претходна постапка, а потоа и Кривичниот Совет, водејќи се исклучиво од Законските одредби без да навлегува во ценење на сомневањето на обвинителот дали навистина е прекршена мерка која впрочем воопшто не е определна, донесе решение со кое барањето на обвинителот го одби како неосновано, соопштуваат од Судот.

- Advertisements -

Минатата недела Обвинителството поднело барање Рашковски од куќен притвор да биде вратен на издржување на притвор во Шутка, но обвинителката Вилма Русковска не сакаше да открие зошто поднеле такво барање.

Рашковски е осомничен дека како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користи софтверот.

Потоа Обвинителството отвори уште една истрага за злоупотреба која се однесува на уште еден тендер за систем за биометриска идентификација. Обвинителството го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.

Тој беше во Шутка месец и половина, а потоа со одлука на Апелација затворскиот му беше заменет со куќен притвор.

Поврзани новости