Расеаните пратеници испуштија да ги избришат гумените куршуми за растерување на толпа

by fokus

Меѓу препораките на народниот правобрантел за подобрување на човековите права, кои требаше вчера да бидат усвоени од пратениците, е и бришење на гумените куршуми од законот со цел полицијата повеќе да нема право да ги користи при растерување на толпа. Овие предлог мерки омбудсманот, Иџет Мемети, вчера ги предложи пред пратениците со цел Собранието да ја задолжи Владата да ги усвои, но пратениците не ги изгласаа, а потоа се оправдаа дека биле „дефокусирани и збунети“.

Мерките во голем дел ги вклучуваат препораките на групата експерти предводена од Рајнхард Прибе. Како што објасни Мемети, освен бришење на гумените куршуми и електричниот парализатор, мерките предвидуваат зајакнување на надворешниот контролен механизам врз работата на полицијата и обвинителството и отстранување на средствата за присилба што ги користи полицијата.

-Со мерките се бара децата фантоми од улица да се запишат во матичните книги, да не се распишуваат огласи за групно вработување во администрацијата без потреба, реализација на проектот за регионални депонии и надградба на системот „Мој термин“ затоа што има хаос во здравството. Собранието не успеа да ја одигра улогата што му ја дава Уставот, да биде контролор на извршната власт. Апелирам да не ја испуштаат таквата улога – изјави денеска Мемети.

Гумените куршуми беа воведени со измени во законот во 2015 година за време на граѓанските протести против тогашната власт. Полицијата смее да ги користи само за привремено онеспособување на лица во топла кои активно го нарушуваат јавниот ред и мир.

Сепак има надеж дека препораките на Мемети ќе се изгласаат. Парламентарното мнозинство најави дека ќе ја исправи вчерашната грешка така што предложените мерки на омбудсманот повторно ќе се најдат на собраниска седница, но во изменет облик за да се запази процедурата.

 

Поврзани новости