Министерот за здравство Венко Филипче смета дека сѐ уште е рано за укинување на полицискиот час, иако беше најавено постепено враќање во нормала по првомајските празници.
-Сѐ уште сме внимателни во анализите на бројките. Во следните денови сакам да организираме заедничка прес-конференција со епидемиолозите на која ќе ги претставиме трендовите на кривата, кои се очекувањата за следниот период. Морам да кажам дека во овој момент не можеме да кажеме што би препорачале за следниот викенд после првомајските празници, на тоа ќе влијае и периодот до крајот на оваа недела, но и почетокот на другата седмица. После деталната анализа може да зборуваме за понатаму. Сега-засега, полицискиот час апсолутно останува, изјави Филипче.
Тој посочи дека деновиве има намален тренд на новозаболени, но сепак вели дека мора да се продолжи со анализа за да се исклучи можноста дека тоа не е некоја варијација и дека нема скриени кластери.