Ранко Дакиќ во свој стил ја најави изложбата: Концептот беше како да се преживее во овие 32 години!

by Fokus

Вечерва во Музеј на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба на Ранко Дакиќ за прв пат во Скопје.

Уметникот кој 32 години живее и твори надвор од земјава, во свој стил го најави настанот.

-Сакам да ја изразам мојата голема чест и задоволство за овој настан, во прекрасниот простор, во атриумот на МСУ. Конечно успеавме, благодарејќи на Златко Теодосиевски, Министерството за култура и МСУ, да го донесеме целиот материјал од Берлин за Скопје и да го презентираме на македонската јавност. Тоа се творби остварени во Берлин од 1988 па до денес. Тука нема никакви специјални концепти и програми, за таков луксуз немаше време. Единствен концепт за овие 32 години беше, како да се преживее со сите турбуленции, биолошки и ментално, и да се танкува нова енергија. Нема да има никакви уметнички чудотворства, ќе бидат изложени масла на платна, картони и ситна пластика во бронза,- тоа е еден рефлекс, една мешавина од емотивно ѓубре, патолошко самоискушение, фасцинација и сомнеж, провокации, опсесии, грешки, коректури… и обид од целиот тој материјал да се направи забелешка. Приказната ја опишува г-динот Златко Теодосиевски во монографија од стотина страници. Почестен сум од неговиот професионален ангажман и посветеност, и врвно благодарен, без него, овој настан немаше да се случи. Секако, тука се извонредно важни – финансиите од Министерството за култура, ја поздравувам нивната подршка, МСУ, директорката Мира Гаќина и вработените, за отворените врати, за нивната љубезност и за целиот сервис, поздрав и благодарност до сите оние кои ми даваа поттик и соучествуваа во целиот мој стремеж, со своите слободарски мисли, со погледите кои префрлуваат преку хоризонтот, и го отвараат просторот за човекот, за негова интроспекција, за мислата која ќе го ослободи од себе, од заробеноста во себе, за животот и уметноста како ослободеност, а не како творба, тоа е богатство. Друго нема. Сметам дека си ја завршивме работата коректно.

На 24-ти септември (вторник) во 20.00 часот, во МСУ почнува јавниот настан, влезот е бесплатен – порача сликарот и скулптор. Изложбата има специфичен наслов – Егзил. Ќе бидат претставени педесетина слики, цртежи и скулптури кои се создадени по неговото напуштање на Македонија во 1987 година. Делата ќе бидат изложени во МСУ – Скопје се до 14-ти октомври.

Вики Клинчарова

Поврзани новости